Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player


Објавено 11 февруари 2014, 10:42, во Свет
Share |
Print page Осигурителниот пазар во регионот заглавен во проблеми

Турција пример за брз развој на осигурителната индустрија

Александар Јанев
Турција пример за брз развој на осигурителната индустрија

Повеќето осигурителни компании што се присутни во земјите во регионот, минатата година полисираа помалку осигурителни премии во споредба со претходната година. Во најголеми проблеми е осигурителната индустрија во Грција каде што во првите девет месеци лани е евидентиран пад на осигурувањето за 10,1%. Пример за брз раст на осигурувањето е Турција, каде е евидентирана стапка од дури 25%.

Повеќето осигурителни компании што се присутни во земјите во регионот, минатата година полисираа помалку осигурителни премии во споредба со претходната година, покажуваат статистичките податоци. Во најголеми проблеми е осигурителната индустрија во Грција каде што во првите девет месеци лани е евидентиран пад на осигурувањето за 10,1%.

Според податоците од грчката асоцијација на осигурители, заклучно со септември лани вредноста на бруто полисираната премија изнесува 2,86 милијарди евра, а падот најмногу се должи на наглото намалување на интересот на Грците за животното осигурување. Овие податоци не се изненадувачки бидејќи земјата веќе неколку години е во длабока финансиска криза која предизвика масовни отпуштања на вработени и со тоа се загрози животниот стандард на граѓаните. Од неживотните осигурување, најголем пад од околу 10% е забележан кај автомобилските осигурување, меѓутоа, според локалните медиуми, тоа се должи на намалувањето на цените на полисите, додека бројот на осигурани автомобили и понатаму расте. Речиси идентичен пад на осигурувањето е евидентиран и во Албанија. Албанските осигурителни друштва за девет месеци лани полисирале 9,3% помала вредност на премиите, а бројот на склучени договори за осигурување се намалил за 3%. Слично како и кај нас, во Албанија доминираат неживотните видови на осигурување со удел од 89% од целиот пазар, а животното осигурување иако зафаќа мал дел од пазарот, единствено бележи раст.

Во Словенија исто така е забележан пад на осигурителната индустрија од 2,2%. Главен виновник за негативниот тренд е падот на животното осигурување од 6,6%. Интересно е тоа што во Словенија нагло расте интересот за здравственото осигурување што го нудат осигурителните друштва и заклучно со септември лани, вкупната премија достигнала до 370 милиони евра што е годишен пораст од 8,2%.

Осигурителната индустрија во Хрватска пак, прикажа минимален раст од 1%, главно воден од порастот на животното осигурување. Во Србија, растот на осигурувањето за деветте месеци лани изнесува 2,9%, меѓутоа, ова е номинален пораст, што значи дека доколку се елиминира ефектот на инфлацијата, српската осигурителна индустрија реално ќе прикаже пад. Во структурата на премиите, најголем дел или 81,2% отпаѓа на неживотното осигурување, додека пак осигурувањето живот има пазарен удел од 18,8% и бележи годишен раст од 17,6%. Најголем удел на пазарот од 30% има осигурувањето од автоодговорност. Во Србија има 24 осигурителни друштва од кои седум нудат исклучиво животно осигурување, 11 исклучиво неживотно и шест друштва и едното и другото.

Повисока стапка на раст на осигурувањето од земјите во регионот единствено е забележана во Бугарија, од околу 8%. Таму главен двигател на растот е животното осигурување кое пораснало за 22,5%.

Меѓутоа, пример за брз развој на осигурувањето е Турција. Според официјалните статистички податоци, само во првите три квартали лани, вредноста на бруто полисираната премија достигнала до 6,5 милијарди евра што е зголемување од 24,8% на годишно ниво. Двоцифрени стапки на пораст се евидентирани во речиси сите категории на осигурување – животното осигурување пораснало за 29,4%, осигурувањето на имоти за 27,8% а осигурувањето од автоодговорност се зголемило за дури 40%.

Турција, Русија и Полска најперспективни осигурителни пазари

Глобалните осигурителни компании се во потрага по нов начин на брз раст и според најновата студија на консултантската куќа Ernst&Young, Турција, Русија, Полска и Чешка се сметаат за најинтересни пазари на осигурување.

Студијата покажува дека Кина ќе продолжи да ја игра доминантната улога во премискиот раст во меѓународното окружување, но новите пазари како на пример Мексико, Тајланд, Колумбија и Индонезија даваат еднакво вредни долгорочни можности. Во извештајот се издвојуваат 21 пазар кои можат да ги исполнат визиите за иднината на осигурителите, а се темели на проценките за економски раст до 2020 година, финансиската стабилност, регулаторните промени, ликвидносните ризици.

Меѓу брзорастечките европски пазари кои најмногу ветуваат за брз развој на осигурителната индустрија се наведуваат Турција, Русија, Полска и Чешка.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ

Капитал изданија