Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 05 јули 2011, 08:56, во Македонија
Share |
Print page Македонската берза со најголем раст на прометот во ЈИЕ

250% порасна прометот на Берзата во првите шест месеци!

Маја Бајалска-Георгиевска
250% порасна прометот на Берзата во првите шест месеци!

Македонската берза првите шест месеци ги заврши со рекорден раст на вкупниот промет од 250%, што ја става на првото место меѓу шест берзи во Југоисточна Европа. Ова го покажува споредбената анализа за полугодишното работење на Македонска берза, каде што покрај берзата во Скопје се разгледувани и берзите во Белград, Загреб, Сараево, Бања Лука, Љубљана и Софија. “Во првите шест месеци годинава вкупниот промет порасна за 250%, од 29,5 милиони евра лани на 103 милиони евра годинава. Сепак, овој промет треба да се декомпонира, затоа што големиот раст се должи на неколку фактори, пред се, на зголемениот број блок-трансакции“, објасни главниот извршен директор на Македонска берза Иван Штериев. Според него, во овој дел годинава преку вкупно 32 блок-трансакции е остварен промет од 57 милиони евра, за разлика од истиот период лани кога со блок-трансакции се истргувале 4,4 милиони евра. Класичното тргување преку Беснет системот, во првите шест месеци годинава пораснало за 19,14%, на вкупна сума од 29,9 милиони евра. Големиот раст на вкупниот промет, е и поради тоа што за разлика од лани, во првата половина од годинава на Берзата имаше и јавни берзански аукции и една јавна понуда на хартии од вредност, односно новата емисија акции на Комерцијална банка.

Ако се анализира, пак, нивото на главниот берзански индекс МБИ-10 во однос на главните индекси во регионот заедно со индексот на Виенската берза, ќе се види дека МБИ-10 е на трето место од вкупно осум индекси според растот. Најголем раст во првите шест месеци годинава има Белградскиот индекс BELEX 15 од 14,76%, а веднаш по него е Софискиот индекс SOFIX, кој пораснал за 14,19%. На четврто место е индексот на берзата во Бања Лука *BIRS, кој порасна за 10,05%, потоа сараевскиот индекс SASE, чиј раст е 9,60%, и загрепскиот CROBEX, кој порасна за 5,68%. Голем пад во првите шест месеци годинава забележа индексот на берзата во Љубљана SBITOP од 12,71%, а намалување од 4,74% има и индексот ATX на Виенската берза.“Ако се гледа процентуалната промена на МБИ-10 од 30 јуни 2010 година, таа е 6,99%, што значи дека растот на индексот годинава го компензира минусот од втората половина на минатата година“, вели Штериев. Според него, во вкупниот промет на Берзата и натаму доминираат банките со 61,03% учество и удел во пазарната капитализација од 32,25%. Значаен удел во прометот од 14,85% има здравствената заштита која ја опфаќа компанијата Алкалоид, чие учество пак во пазарната капитализација изнесува 20,91%. “Интересно е што секторот индустрија, градежништво и логистика, кој учествува со 9,05% во вкупниот промет, секторски гледано, лани имаше најголем раст од 52% на вкупната нето-добивка“, потенцира Штериев.Тој оцени дека македонските компании имаат солидни дивиденди приноси, кои се движат од 3% во просек, до највисокиот кај компанијата Реплек кој изнесува 7,48%.

Годинава 11 компании исплатија дивиденди во вкупна вредност од 16,4 милиони евра, што е 20% повеќе во однос на лани кога 9 компании исплатија дивиденди во вредност од 13,7 милиони евра.Структурата на тргувањето на Македонската берза во првите шест месеци, покажува дека редовниот пазар и натаму има мало учество од 3,89% во вкупниот промет, иако акциите на овој пазар имаат потенцијал да го зголемат обемот на тргување. Во прометот во првите шест месеци најголем удел имаат блок-трансакциите со 55,35%, додека официјалниот пазар учествува со 25,09%.


КОМЕНТАРИ

Коментирај
  • 11 велицествени
    Објавено на 23.12.2011, од џоле

    директорот потврдува дека во Македонија,дивиденда ,поделиле само 11 компании,што знаци тоа? дали сите останати компании пријавиле загуба,или ако пријавиле добивка ,што направиле со неа,дали ја вадат од самата компанија на разлицни криминални нацини.(бонуси на ракпводните органи,сите видови на трошоци,од ресторани ,бутици,до семки на спортски натпревари)итн.
    .Дефинитивно некој институции не си ги вршат одговорно своите задаци.Затоа берза ке има само на хартија......



РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000


Капитал изданија

РЕКЛАМИ