Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 13 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page НАВИГАТОР Ексклузивно:

Даневски, по втор пат побегна од екстрадиција!

Катерина Синадиновска
Даневски, по втор пат побегна од екстрадиција!

Ексклузивно:

Нема екстрадиција за Зоран Даневски! Неколку дена пред 11 ноември - денот кога официјално истече неговата условна казна во Бугарија и кога требаше да почне процесот за негова екстрадиција, тој го напуштил живеалиштето во градот Гоце Делчев, открива Капитал.

Според нашите извори, кога двајца бугарски полицајци во вторникот дошле на неговата адреса за да проверат зошто тој не се јавил во полиција, за да го стави последниот потпис пред да му истече условната казна (беше должен да се јавува на властите секој месец), Даневски и неговото семејство веќе биле избегани во непозната насока. Нашите извори тврдат дека тоа се случило на 6-ти ноември, при што „бегството“ се одвивало со два автомобили со српски регистрации. Екстрадицијата на еден од најпознатите бегалци од македонските закони, за кого е распишана потерница поради проневерени 1,5 милион евра со продажба на државните резерви на пченица и јачмен складирани во земјоделскиот комбинат Џумајлија е проблем уште од моментот кога тој избега во соседната држава. Човекот кого го бараа македонските судови, набрзо по неговото напуштање на земјава беше уапсен од Бугарите, но само поради поседување на лажни документи за идентификација. Доби условна казна од една година и три месеци, но со оваа казна Бугарија практички, му направи услуга, па бугарските власти тврдеа дека според нивните закони, додека тој не ја “одлежи“ не може да биде вратен дома. Сега поминаа 15-те месеци и тој повторно нема да биде вратен дома, од едноставна причина што сега веќе тешко дека ќе можат да го најдат.

Оние кои се директно надлежни од македонска страна, Министерството за правда се сосема затечени од ситуацијата. Прво, никој од таму, (ниту воопшто од македонската Влада) не излезе неколку дена пред истекот на рокот да го актуализира прашањето, а второ според нашите информации, ниту „под маса“, по дипломатски канали не е покажан особен интерес и не е извршен притисок врз Бугарите за да го екстрадираат Даневски. Како воопшто е можно бугарските власти, а воедно и македонските да дозволат Даневски да го напушти живеалиштето!? Дали официјално е точно дека Даневски веќе не е на таа адреса? Ако не е таму, тогаш каде е? И на крајот, секако, зошто рокот помина, а тој не е екстрадиран?Од министерството за правда ништо не одговараат на оваа тема. Пратија само кус одговор до нашата редакција:„ Од Амбасадата на Република Македонија во Софија и од Министерството за правда на Бугарија известени сме дека екстрадицијата на лицето Зоран Даневски е дозволена и одложена бидејќи именуваниот е осуден за сторено кривично дело во Република Бугарија. До овој момент Министерството за правда не е известено за можен термин за реализација на екстрадицијата и дали именуваниот се наоѓа на територијата на Република Бугарија“ велат од Кабинетот на министерот Блерим Беџети.

Пред повеќе од една година, додека сите надлежни институции официјално не знаеја каде се наоѓа Зоран Даневски, екипата на Капитал информирана од свои извори, го пронајде во градот Гоце Делчев, во југозападна Бугарија. Капитал тогаш откри дека тој таму, освен што се крие од македонските закони, се амбицирал да се занимава и со бизнис зделки. Капитал презентираше документи од Централниот регистар на Бугарија кои открија дека неговата фирма „Уно пелети, ја регистрирал со негов содружник, син на локалниот бизнис-моќник Никола Узунов, сопственик на синџир од бензински станици. Оваа фирма, според нашите информации исто како и дружбата на Даневски со Узунови набрзо пропаѓа. Во Македонија и помеѓу нашите власти владее необичен молк кога е случајот на Даневски во прашање. Зошто никој не го актуализира и не му придава значење на процесот на негово екстрадирање, во услови кога прецизно се знаеше каде тој се наоѓа и со што се занимава не е јасно!Агрокомбинатот со којшто тој раководеше, сега е сопственост на Индиецот Субрата Рој, кој токму за Џумајлија го најави својот мегаломански план за краварската фарма со 20 илјади крави.Во меѓувреме, пред десетина дена, братот на Зоран Даневски, Слободан кој беше поранешен градоначалник на Свети Николе и пратеник во Собранието, доби затворска казна од 3 години за злоупотреба на службената положба додека бил претседател на Управниот одбор на Џумајлија. За разлика од неговиот брат,

Слободан ја нема напуштено земјава. Зоран Даневски, инаку, не е прв пример на пребегнат Македонец во Бугарија, кој таму се крие од македонската правда. Но, за разлика од останатите (Владо Димов, Владо Тамбурковски, Спаска Митрова) тој нема бугарско државјанство! Оттука, за него, процесот би требало да оди многу полесно. Кој точно го штити не е лесно да се открие во услови кога очигледно е дека во случајот се преплетени македонско – бугарски интереси на поединци или групи.

........................................................

За што служела Џумајлија во Белград?

Договорите до кои дојде “Капитал“, а ги објави пред една година откриваат многу интересен податок - дека Џумајлија под раководство на била распространета и на север. На улица Цар Урош 6 во Белград е регистрирана фирма Џумајлија доо Белград, со основачки капитал од 500 евра. На оваа фирма Даневски, наводно, и пренел дел од побарувањата кои како заемодавач ги имал кон Џумајлија во Македонија. Истиот потпис, истиот лик, Зоран Даневски, е и цесионар и цедент во овој договор.

Податоците од Централниот регистар на Србија покажуваат дека српската фирма Џумајлија, која е регистрирана како доо за неспецијализирана трговија на големо со храна, пијалаци и тутун, има двајца сопственици - Џумајлија лозово и Винојуг Белград. Како директор стои името на Петар Арсиќ. На оваа копија од договорите за цесија никој не е потпишан како застапник на српската Џумајлија. Според податоците од Регистарот, Џумалија Белград има 0 вработени и остварува неверојатни 0 приходи! Дали е вистина дека Даневски заминал со автомобили со српски регистраски таблички и дали можеби е заминат за Србија не знаеме. Според нашите информации, неговиот план на движење сепак би бил југ, оти наште извори велат дека „му треба море, за да стаса до конечната негова одредница САД“. Дали тоа ќе биде можно и дали сите гранични служби ќе го преспијат неговото движење, останува да се види.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА