Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 12 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page ...Позицијата на Капитал...

Да не ги запоставиме домашните инвеститори

Игор Петровски
Да не ги запоставиме домашните инвеститори

Македонија не смее да се доведе во опасност растот на извозот во блиска перспектива да се потпира на 2-3 гринфилд странски инвестиции, затоа што како што дошле, така лесно може  и да си заминат од Македонија.

Џонсон Мети ја отвори втората фабрика во Македонија, и очекувањата се дека следната година ќе го зголеми извозот на една милијарда евра, двојно повеќе од тоа што е реализирано минатата година. Оваа гринфилд инвестиција која вкупно досега изнесува околу 130 милиони евра, за само 2-3 години го зголеми вкупниот македонски извоз за половина милијарда евра, или за околу 20%. Од следната година веќе, Џонсон Мети според остварените приходи ќе биде убедливо најголемата компанија во Македонија. Сето ова звучи добро и прилично еуфорично беше дочекано во јавноста, но не треба да ги заборавиме следниве факти: Џонсон Мети увезува скапи суровини (платина) за своите производи, автомобилски катализатори, и со тоа значително учествува и во зголемувањето на македонскиот увоз. Точно е дека странските инвеститори носат напредна технологија, нови знаења, нови производи се појавуваат во трговскиот биланс, кои што сега стануваат водечки извозни производи, но во исто време ја зголемуваат увозната зависност на Македонија од суровини, што предизвикува значителен девизен одлив и тоа не влијае поволно врз платниот биланс на земјата.

Засега, единствената опиплива корист од фабриките во слободните економски зони се новите вработувања, а долгорочниот развој базиран само на странски инвестиции е дискутабилен. Македонија не смее да се доведе во опасност растот на извозот во блиска перспектива да се потпира на 2-3 гринфилд странски инвестиции, затоа што како што дошле, така лесно може и да си заминат од Македонија. Периодот на бенефициите што ги користат с$ уште трае, а на нивните сопственици не им е проблем да ги преселат погоните во земји каде што ќе им биде поисплатливо. Да се потсетиме само на Нокиа, која што во 2008-та својата фабрика од Германија ја пресели во Романија, со што ја разгневи германската јавност, за да после само четири години ја затвори и ја пресели во Кина. Што е решението за долгорочен развој на македонската економија? Паралелно со странските, стимулирање и на домашните инвестиции во индустријата, агробизнисот и услугите. Особено во индустриското производство кое што е извозно ориентирано , кое што за 20 години двојно го намалило своето учество во бруто домашниот производ. Во Капитал безброј пати сме напишале дека во Скопје и други градови, спонтано никнуваат индустриски зони, составени од домашни инвеститори кои практично немаат никаква поддршка од државата, па дури и за основните инфраструктурни зафати самите се грижат. Таквото запоставување на домашните инвестиции и деиндустријализацијата што и се случува на Македонија на долг рок има опасност да ја сведе земјата на ниво на колонија, привлечна само заради евтината работна сила.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА