Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 12 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page Анализа Алармантни резултати од стрес тестовите на Народната банка

Третина од кредитите на компаниите може да станат лоши

Александар Јанев
Третина од кредитите на компаниите може да станат лоши

Алармантни резултати од стрес тестовите на Народната банка

Резултатите од стрес тестовите што ги спроведе Народната банка покажаа дека доколку се случи најлошото сценарио во економијата, адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор ќе се задржи над 16%, што е двојно повеќе отколку законскиот минимум. Тоа значи дека сите банки ги положиле стрес тестовите што им ги зададе Народната банка. Меѓутоа, еден дел од тестот прикажува загрижувачки резултати. Лошите кредити кај компаниите во најлош можен случај ќе достигнат 32,9% од кредитното портфолио, што во пари би било еднакво на околу 700 милиони евра спорни за наплата. Најпроблематични за наплата би биле кредитите дадени на компании од услужниот сектор, каде што дури 47,2% од кредитите спаѓаат во категоријата спорни, а инвеститорите во недвижности не би можеле да вратат 46% од земените кредити.

.................................................................

Димитар Богов,гувернер на Народната банка на Македонија

„Со оглед на економското закрепнување кое продолжува и во овој квартал, Народната банка не очекува раст на лошите кредити како процент од вкупните кредити.Ризиците околу ова предвидување за намалување на лошите кредити, посредно, но клучно се од надворешна природа, односно зависат од заздравувањето на глобалната економија"

.................................................................

Дури и домашните компании да влезат во уште поголема криза од оваа во која се наоѓаат сега, без гајле, банките повторно би останале здрави. Резултатите од стрес тестовите што ги спроведе Народната банка покажаа дека доколку се случи најлошото сценарио во економијата, адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор ќе се задржи над 16% што е двојно повеќе отколку законскиот минимум. Тоа значи дека сите банки ги положиле стрес тестовите што им ги зададе Народната банка. Меѓутоа, еден дел од тестот прикажува загрижувачки резултати. Лошите кредити кај компаниите во најлош можен случај ќе достигнат 32,9% од кредитното портфолио, што во пари би било еднакво на околу 700 милиони евра спорни за наплата. По одделни сектори, најпроблематични за наплата би биле кредитите дадени на компании од услужниот сектор, каде што дури 47,2% од кредитите спаѓаат во категоријата спорни, а инвеститорите во недвижности не би можеле да отплатат 46% од земените кредити. Спротивно на тоа, компаниите од секторите транспорт и градежништво и според ова мрачно сценарио, остануваат во добра кондиција да ги отплатуваат кредитите. Состојбата кај граѓаните е подобра споредено со бизнис секторот. Лошите кредити дадени за населението според најлошото можно сценарио би се искачиле од сегашните 6,9% на 21,3%.

Единствено автомобилските кредити може да отскокнат од просекот, со удел на проблематични заеми од 27,5% во целото портфолио. Но, колку е ова сценарио навистина возможно?! Според најновите проценки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Народната банка, економијата зема залет и во следните две години, растот може да достигне и до 4,4%. Секако дека ризиците се се уште изразени, пред се поради нестабилноста во европските економии, но заедничка оценка на сите е дека 2014 година ќе биде период кога рецесијата ќе заврши. Според ММФ, Европа догодина ќе оствари економски раст од околу 1%. Имајќи ги предвид овие перспективи, гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, очекува лошите кредити да се намалуваат откако годинава во јуни го достигнаа врвот од близу 15%. „Со оглед на економското закрепнување кое продолжува и во овој квартал, Народната банка не очекува раст на лошите кредити како процент од вкупните кредити. Кредити одобрени во раните фази на закрепнување, по правило, се посигурни од оние одобрени во период на врв од економски бум, како и од оние одобрени за време на рецесија. Во претходниот, трет квартал од оваа година веќе имаше намалување на учеството на лошите кредити во вкупните.

Ризиците околу ова предвидување за намалување на лошите кредити, посредно, но клучно се од надворешна природа, односно зависат од заздравувањето на глобалната економија“, објаснува гувернерот Богов. Заклучно со септември, 422,2 милиони евра се спорни за наплата што е 11,5% од сите дадени кредити. Тие се потенцијална закана за профитабилноста на банките, но не и за нивната стабилност. НБМ редовно на секои три месеци ги тестира банките на секакви можни сценарија и негативни шокови, без оглед што стрес тестовите станаа актуелни откако Европската Комисија побара задолжително да се тестираат некои од најголемите европски банки за да се осигура нивната стабилност. Поранешниот гувернер на НБМ, Љубе Трпески, објаснува дека стрес тестовите се првиот сигнал за можни проблеми во банкарскиот сектор.“Стрес тестирањето на банкарскиот сектор веќе одамна е пракса во Македонија, НБМ многу често им поставува такви хипотетички стрес ситуации на банките за да ја мери нивната издржливост.

На пример, што ќе се случи со капиталот на банките доколку се зголемат ризичните кредити за 10%. Таква анализа на банкарскиот сектор се прави на повеќе можни сценарија, а дури и самите банки интерно си поставуваат различни стрес ситуации за да ја тестираат нивната стабилност и сигурност. Во Европа тоа не беше пракса, единствено во земјите во транзиција како Македонија, но сега тие настрадаа. Во Македонија стрес тестовите покажаа најголем проблем во 1999 година кога се случи косовската криза и во 2001 за време на војната, кога граѓаните масовно почнаа да ги повлекуваат депозитите од банките и целиот сектор беше во опасност”, објаснува Трпески.

Проблематичните кредити активираат хипотеки

Банките заклучно со јуни годинава, имаат запленето имот од хипотеки вреден 111,3 милиони евра, а интересно е тоа што иако во тој период кулминираа спорните кредити што банките не можат да ги наплатат, вредноста на активираните хипотеки остана речиси непроменета. Можеби тоа изгледа контрадикторно, но извршителите што ги ангажираат банките објаснуваат дека иако барањата за наплата се зголемуваат, реализацијата оди многу потешко од порано. Според последните податоци што ги објави Комората на извршители, во првите девет месеци од годинава во извршна постапка се наплатени 78,9 милиони евра, што е намалување во споредба со лани кога биле наплатени 104 милиони евра. Освен за невратени кредити, извршителите најчесто биле ангажирани и за присилна наплата на сметки за струја, греење, вода и телекомуникациски услуги. Приватните фирми иако на број се помалку, тие сепак доминираат во присилно наплатената сума. “Барањата за наплата растат, но реализацијата се намалува. Во 2006 година бројот на примени барања беше 6.335 од кои се реализираа 43,41%, додека лани, од вкупно 164.055 барања, реализирани се 25,74%“, изјави претседателот на Комората, Гордан Станковиќ.За банкарите ваквиот развој на настаните бил очекуван.

 “Во услови кога ликвидноста на компаниите и населението е крајно влошена, очекувано е наплатата на кредитите да биде доведена во прашање. Добро за македонскиот банкарски сектор е што уште при првиот бран на кризата, голем дел од лошото кредитно портфолио е исчистено. Дел од тие лоши кредити предизвикаа активирање на хипотеките и треба да се очекува дека оваа вредност ќе расте. Меѓутоа, таа сума е мала за предизвика нестабилност во банкарскиот сектор. Дури и да се зголеми двојно вредноста на активирани хипотеки, што би било околу 3% од БДП, не би било драматично лошо“, велат банкарите.

Лошите кредити изговор за преземање ризик

Порастот на лошите кредити до ниво од 14,9% кај компаниите во последно време постојано го истакнуваат банкарите како изговор за слабата кредитна активност годинава. Според податоците од Народната банка, за девет месеци банките одобриле само 10,6 милиони евра повеќе за приватните фирми што е пораст на кредитирањето од 0,5%Претседателот на Здружението на банкари, Ѓорѓи Јанчевски, изјави дека нвото на лоши кредити е сигнал за банките да го ограничат кредитирањето бидејчи тоа покажува дека бизнис секторот има финансиски проблеми и нема капацитет редовно да ги плаќа обврските. „Овој кредите пораст е одраз на актуелната состојба во економијата. Очекувам дека со раздвижувањето во стопанството и попозитивните очекувања за порастот на БДП годинава и следната година, ќе придонесе и банките да ги олабават условите односно да ја зголемат кредитната поддршка“, изјави Јанчевски.

Гувернерот Богов потврдува исто така потвди дека неминовно е условен и со постоењето на лоши кредити, меѓутоа додава дека „постојат и други фактори, како на пример помалите каматни маргини предизвикани од приближувањето на каматните стапки на кредитите и депозитите, како и движењата на консолидираната адекватност на капиталот на меѓународните банкарските групации, чии членки се и значајни домашни деловни банки што исто така влијаат ограничувачки врз кредитната активност“, истакна Богов.

Слабата наплата ги подјадува добивките

Финансиските извештаи на банките за првите девет месеци годинава покажаа дека дел од банките имаат сериозни проблеми да ги наплатат побарувањата така што тоа директно се одразува во нивните билански како загуба. Најголемата банка во земјава, Комерцијална, во извештајот доставен до Берзата објави загуба од 4,76 милиони евра. Тоа значи дека банката успеала да намали дел од загубата (за шест месеци 6,5 милиони ера) со силен раст на приходите од камати, но сепак влошувањето на кредитното портфолио не дозволува Комерцијална да прикаже позитивен рзеултат. „Исправката на вредност на финансиски средства заклучно со септември се зголеми за 42,8% како резултат навлошување на состојбите кај стопанските субјекти и влошеното кредитно портфолио. Исправката на вредност не значи дефинитивна загуба поради оштетување на пласманите, при што, доколку се подобрат состојбите со клиентите и делумно или целосно се наплатат побарувањата, ќе дојде до корекција, односно би имало ослободување на исправка на вредност. Ова би имало соодветен одраз и на финансискиот резултат на банката“, објаснуваат од Комерцијална.

Влошувањето на кредитното портфолио се гледа и од биланските на НЛБ Тутунска банка која во првите девет месеци од годината, издвоила за 61,6% поголем износ за исправка на вредноста поради оштетување на пласманите. Меѓутоа, тоа сепак не се одразило со негативен финансиски резултат за банката, која заклучно до септември, пријави добивка од 7,3 милиони евра. Стопанска банка пак, од јануари до септември годинава остварила добивка од 13,3 милиони евра, што е за 34,6% повеќе од лани. Билансите на банката објаснуваат дека и тие во овој период евидентираат 10,6 милиони евра исправка на вредност поради влошена наплата на кредити, меѓутоа, сумата споредено со истиот период лани е помала. Тоа овозможи Стопанска годинава да работи со профит.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА