Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 12 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page Executive Чудно, но функционира на Запад:

Eкспертите препорачуваат повеќе општи, отколку стручни училишта

Габриела Делова
Eкспертите препорачуваат повеќе општи, отколку стручни училишта

Чудно, но функционира на Запад:

Капитал анализира каде е најслабата алка во синџирот кој ги поврзува образованието и бизнис секторот во Македонија

..............................................................

Алберто Родригез, експерт на Светска банка за образование

“Погрешно е да размислувате дека за зголемување на вработеноста и подобрување на перформансите на економијата треба да се отворат повеќе стручни школи. Стручните предмети оставете ги за на факултет“

Бобан Тодоровски, ко-сопственик на Стилкон

“Многу ретко се пријавуваат недипломирани студенти за практична работа во фирмава, и покрај тоа што ние сме заинтересирани, не само да ги стипендираме, туку и да им понудиме вработување веднаш по студиите“

Зоран Мирсинов, сопственик на Мирана

“Училиштата станаа парк во кои децата се рекреираат, наместо да учат. Десет години барам технолог и не можам да најдам. Потребно е да се создаде клима преку која ќе се поттикнат децата повеќе да учат“

..............................................................

  • 5000слободни работни места брои Агенцијата за вработување
  • 25%од слободните работни места што тешко се пополнуваат се од преработувачката индустрија
  • 579 лица во 2011 завршиле високо техничко образование, наспроти
  • 6.581 кои завршиле на општествените науки

..............................................................

Бобан Тодоровски, сопственик на фабриката за челични конструкции Стилкон од Куманово, периодов води преговори за работа на странски пазари и има потреба од повеќе висококвалификувани работници. Но, тој вели дека не може да го најде на пазарот овој кадар, со што му се доведуваат во опасност идните зделки на компанијата. “Состојбата со продуцирање кадри во металската индустрија е катастрофална и загрижувачка, стручен кадар речиси и да не се наоѓа. Многу ретко се пријавуваат недипломирани студенти за практична работа во фирмава, и покрај тоа што ние сме заинтересирани, не само да ги стипендираме, туку и да им понудиме вработување веднаш по студиите“, вели Тодоровски. Неговата компанија е само една од многуте што кубури со стручен кадар во услови кога во Македонија има 28% официјална стапка на невработеност. Без оглед на добрите оценки за бизнис климата што земјава ги добива од Дуинг бизнис извештајот на Светска банка, подобрената регулатива за водењето бизнис не влијае врз зголемување на квалитетот на понудата на работници што им се потребни на домашните и странските инвеститори.

За парадоксот да биде уште позачудувачки, сведочи уште една докажана формула на познатиот американски економист Фил Пепер кој тврди дека примарната алатка за економски развој за секоја држава е нивото на образованието. САД, Бразил, Полска, Финска се само дел од земјите кои ја потврдуваат формулата на Пепер. По оваа логика, Македонија со се повеќе дипломирани студенти, бројка која е во постојан раст и тоа како треба да има одлични перформанси во однос на економските процеси. Сепак, се уште е голем бројот на студенти, магистри па и доктори на науки кои седат дома без работа, наспроти огласите од компаниите преку кои бараат квалификуван кадар, кој никако да го најдат. Статистичките податоци покажуваат дека во моментот има 222 илјади лица кои бараат работа, а речиси 5 илјади слободно работни место брои Агенцијата за вработувања кои никако да се пополнат. Капитал анализира каде е најслабата алка во синџирот кој ги поврзува образованието и бизнис секторот за Македонија да сведочи за ваков парадокс?

Само гребење по површината

Потребата од посериозни реформи во образовниот систем со цел да ги задоволи потребите на бизнис секторот е несомнена. И во таа насока од време на време се слушаат различни иницијативи и проекти од Министерството за образование, стопанските комори почнаа да создаваат свои центри и академии со цел да го доедуцираат кадарот за да одговара на потребите на компаниите. А во трката за подобро работење дури и самите компании ги превземаа работите во свои раце. Се почесто фирмите нудат стипендии за студентите со цел да ги мотивираат. Но, доволно ли е ова?Ако се слушнат мислењата и на едната и на другата страна, заклучокот е едноставен: резултатите од ваквите повремени реформи се само гребење по површината кое не нуди долгорочна перспектива за подобрување на резултатите во економијата. Вината, секако, си ја префрлаат едните на другите. Компаниите со недоверба гледаат во вештините и знаењето кое го имаат студентите по завршеното образование, па ретко се отворени за практиканти кои ќе ги обучат со можност да ги вработат. Студентите пак мака мачат да стигнат до првото вработување, оти како што велат тие, за секое работно место се бара барем една година работно искуство. Зоран Мирсинов, сопственик на велешката компанија за прехрамбени производи Мирана , смета дека “училиштата станаа парк во кои децата се рекреираат, наместо да учат.““Воопшто не сум задоволен од кадарот кој излегува. Десет години барам технолог и не можам да најдам. Потребно е да се создаде клима преку која ќе се поттикнат децата повеќе да учат“, вели Мирсинов. Незадоволството присутно кај бизнис секторот го потврдуваат и стопанските комори. Со цел да им излезат во пресрет на своите членки, тие веќе создадоа центри и цели академии преку кои го доедуцираат кадарот кој им е потребен на фирмите.

„Компаниите истакнуваат дека им се потребни кадри кои во текот на својата формална наобразба имаат голем дел практична работа и се спремни во пракса да ги покажат своите познавања. Во иднина акцент ќе треба да се стави на неформалното образование поради можноста за побрзо прилагодување на образовните програми “, вели Борис Тримчев, од Стопанската комора.Сличен е ставот и од Сојузот на стопански комори. „Една од мерките на Сојузот на стопански комори за да одговори на потребите на компаниите во насока на подобра квалификација на менаџерите е формирањето на Академија за менаџери чија цел е да придонесе за дооформување на квалификуван менаџерски кадар и доедукација на лица од различни профили вработени во компании од приватниот и јавниот сектор“, велат за Капитал од ССК.Но, и покрај ваквите загрижувачки состојби, најави за темелни реформи нема. Ниту дел од најавите дека ќе се намалат квотите за дел од насоките на факултетите од каде има веќе армија дипломирани, не се веќе во игра. Судејќи по одговорот кој Капитал кој доби од Министерството за образование, на ваквите реакции ќе одговорат преку неколку промени во средното и високото образование.

Оттаму велат дека во насока да им се излезе во пресрет како на компаниите така и на студентите, во тек е измена на законот со која се предлага во текот на четири годишните студии, студентите да имаат најмалку шест месеци пракса во компаниите. Меѓутоа, апелираат компаниите да бидат поотворени за практична работа и да им дадат можност на студентите што повеќе да научат додека практицирааат кај нив. „ Еден од приоритетите на министерството за образование и наука е усогласување на образовниот систем со потребите на пазарот на трудот. Како земја се соочуваме со недостиг на кадри кои завршуваат на техничките струки, и покрај тоа што состојбата во изминатите неколку години се менува во позитивна насока. Реформирање на постојните и воведување на нови образовни профили во средното стручно, но и високото образование, промена на наставните планови и програми, вклучување на реалниот сектор во предавањата, повеќе практична настава, повеќе стипендии за поддршка на студентите кои ќе студираат на техничките струки, обезбедување на современи технолошки достигнувања заради практично оспособување и надоградување се само дел од мерките за зголемување на атрактивноста и интересот за техничките струки “, велат од Министерството.

Македонија не е Германија

И додека компаниите и институции вината си ја префрлаат едни на други, дел од странските експерти нудат решенија кои се веќе докажани во слични држави како Македонија. За разлика од генералната мантра која владее во земјава, дека потребни се повеќе стручни образовни институции во земјава, експертите кои се занимаваат со ова прашање, го тврдат спротивното. Според нив, за земја каква што е Македонија потребни се повеќе општи насоки отколку стручни. Алберто Родригез, експерт на Светска банка и специјалист за образование преку презентацијата за реформите во образование во Полска даде одговор како Македонија да направи реформи кои не само ќе го решат проблемот со невработеност во земјава, туку ќе создадат услови и за подобри економски перформанси. Според него, учениците кои во средно се одлучуваат за стручни насоки, најчесто се оние што не покажале добри резултати во основното училиште и не ги задоволуваат критериумите за општи насоки. „Тоа покажува дека стручните школи не се тука зошто ви требаат, туку зошто немате каде да ги пратите учениците кои не се добри за општа гимназија. Така компаниите ангажирање лош кадар кој не е соодветно обучен, па честопати тоа е и причината поради која изумираат ваквите бизниси“, вели Родригез.

Затоа вели тој, стручните школи треба да бидат се помалку, и истите треба да постојат во високото образование. „Примарното училиште е да научите како да читате. А во средното училиште читате за да научите. Погрешно е да размислувате дека за зголемување на вработеноста и подобрување на перформансите на економијата треба да се отворат повеќе стручни школи. Стручните предмети оставете ги за на факултет“, вели Родригез.Според него ваквите реформи се оправдани зошто ниту Македонија, а ниту пак ни Полска, не се како Германија. „Најчестите критики за ваквите реформи се ’зошто да не го следиме примерот на Германија’. Но за да имате такви реформи, прво треба основците да ги имаат основните вештини кои ги имаат Германците и второ треба да сте Германија. Односно да имате толку многу средни и мали компании кои ќе ги земат студентите и ќе ги обучат“, вели тој.Според него потребни се промени во курикулумот на образованиот процес за основно и средно образование каде ќе се нудат по широки и по универзални предмети преку кои можат да се стекнат соодветни вештини, кои ќе му дозволат на студентот, доколку загуби една работа, лесно да се преквалификува за друга.

..............................................................

Совети од Финска!

Финска важи за една од најконкурентна економии во светот и за вистински пример за успешно образование кое одговара на потребите на бизнис секторот. Со реформите во образованието кои ги превзема Финска за доста кратко време успеа да се трансформира од земјоделска земја во економија на висока технологија. А вистинското „копче“ за ваквата промена, како што велат луѓето од оваа северна земја, е реформата на образованието. Кои се совети од Финска за подобра економија преку подобро образование? 1. Во Финска се верува дека мора да инвестираат во образованието, во истражувањето и во повисоко образование2. Образованието може да создаде нови области за работа. „Ние секогаш имаме потреба од нови вештини за работна сила - што значи дека мора да продолжиме да инвестираме“3. „Во рана фаза од образованието не ги делиме студентите на успешни и тие што се уште не успеваат добро да се снајдат во училиштето“4. „Сметаме дека ако инвестираме во сите деца девет години и им дадеме исто образование тогаш ќе ги постигнеме најдобрите резултати“5. Постојано ја прошируваме квотата за уписи. „Тоа е како играње хокеј на мраз. Ги пуштаме сите девојки и момчиња да играат, не само најдобрите. Преку ваква фер игра, им даваме подеднаква шанса на сите да ги презентираат своите вештини- а ова ни дава нас можност да ги откриеме најдобрите“


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА