Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 08 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page Интервју: Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка

Заврши времето на банкарски олигополи во Македонија!

Биљана Здравковска Стојчевска
Заврши времето на банкарски олигополи во Македонија!

Интервјуто со Глигор Бишев го правиме неколку месеци после преземање на раководната функција во банката Шпаркасе Македонија, која денес, како што вели тој, е една од најздравите банки во Македонија, па и во регионот,  односно банка во надоаѓање која има значителен капитал и големи планови за развој. Тој најавува многу новини во работењето на Шпаркасе, многу нови производи и услуги за населението и компаниите. Со Бишев разговаравме и за големата консолидација која следува во македонскиот банкарски, за условите во кои работат банките, за причините зошто кредитирањето на компаниите е многу ниско и за потенцијалите за развој на македонската економија.

-----------------------------------------------------------------------------
 Шпаркасе банка ја презедовте пред неколку месеци. Во изминатиов период и пред Вие да дојдете на челната позиција банката помина низ една фаза на чистење и консолидација. Во каква состојба е сега Шпаркасе и колкав е нејзиниот потенцијал?

Можам да кажам дека моментално Шпаркасе банка е најздравата банка, не само во Македонија, туку и во регионот. Можеби ќе се зачудите кога ќе кажам дека адекватноста на капиталот на Шпаркасе банка е 29%. Тоа е добро, но истовремено и многу скапо за банката. Бидејќи e голем трошок за банката да има толку голем капитал кој е неискористен. Меѓутоа, акционерите на банката сакаат да дадат сигнал дека имаат долгорочни планови, дека целосно стојат зад Шпаркасе и дека банката има доволно капитал за експанзија за наредниот период. Имајќи ја притоа во предвид големината на групацијата на која припаѓа Шпаркасе Македонија, тоа е Штаермаркише Шпаркасе и Ерсте групацијата, лимитите за поддршка на населението и на компаниите се неограничени. Таа поддршка не е само во форма на кредити. За прв пат во Македонија на 12 ноември, Ерсте групацијата ќе одржи инвестиционен форум и за прв пат Македонија е ставена во радарите на групацијата со цел да се обезбеди финансирање, не само по пат на кредити, туку и преку сите современи форми на финансирање. Исто така, Шпаркасе Македонија располага и со С лизинг во Македонија. Оттука, освен кредитната поддршка, на компаниите во Македонија ќе им бидат понудени сите современи начини на обезбедување на средства, како синдикализирани кредити, лизинг, емисија на хартии од вредност и инвестиционо банкарство...

 Шпаркасе неодамна најави нов модел на финансирање на граѓаните. За каков модел се работи и кои се очекувањата од неговото воведување?

Иновацијата на производите ја започнавме уште на почетокот на годината. Последниот пакет на производи кој го понудивме беше С и М пакетот , во кој се вклучува трансакциона сметка со дебитна картичка со која може да се подига готовина од 11 до 14 илјади банкомати на групацијата Ерсте и Шпаркасе во 11 земји низ целиот свет и тоа без никаква провизија. Дозволено пречекорување на сметка и кредитна картичка со 6% каматна стапка за првите 6 месеци, интернет банкарство и сите други услуги кои постојат како станбени и потрошувачки кредити. Моделот кој ќе го користиме за утврдување на кредитната способност на населението е расположливиот доход. Тоа значи дека минималните трошоци за живеење прво ќе се одбиваат од приходите, и делот што ќе остане расположив за инвестирање или за штедење е основата според која ќе се овозможи задолжување на населението. А не како што прават сите други банки во Македонија, задолжувањето да се ограничува до една третина или една половина од приходите на населението. Тоа значи дека нивото на задолжување ќе биде поврзано со реалниот капацитет за отплата на кредити. Оние граѓани кои ќе имаат поголем капацитет, ќе може повеќе да се задолжуваат. Исто така новина е и тоа што за ниту еден кредитен производ, посебно за станбените и хипотекарните кредити,  нема да утврдуваме максимален износ. Максималниот износ ќе биде утврдуван одделно за секој клиент, според неговиот капацитет за отплата на кредитот. Ако некое лице има капацитет да позајми милион евра, ние ќе му одобриме милион евра. Ако има капацитет да позајми 10 илјади евра, ние ќе му го одобриме тој износ. Значи, ќе имаме и производи за масовни клиенти, но ќе имаме и производи за високодоходовните групи на граѓани, кои според вкупниот приход и расположив доход се на ниво на една мала или средна компанија.

 Колкав е реално тој таргет на високодоходовни граѓани во Македонија?

Имаме три нивоа на доходовност кај населението во Македонија. Во едната група се граѓани со приходи од 9 до 13 илјади денари и оваа група опфаќа 20% од вкупното работоспособно население што прима плата. Втората група се граѓани со плата од 13 илјади до 24 илјади денари и тие опфаќаат 20% од вкупно вработените. Учеството на оние кои земаат плата од 24 илјади до 33 илјади денари изнесува 25% во вкупните вработени лица. Плата над 34 илјади денари земаат околу 20% од вработените, а оние кои имаат приходи од плата над 60 илјади денари имаат учество од 7% до 8%. Меѓутоа, тоа се приходи само по основ на плата. Во вкупниот приход ќе се земат во предвид и приходите кои граѓаните ги земаат по основ на земјоделска дејност, од дивиденди, кирии, надоместоци, авторски хонорари и врз основа на сето тоа се пресметува капацитетот за отплата на кредитите. Значи планираме сериозно да го развиваме и приватното банкарство за високодоходовното население и тоа ќе го правиме заедно со групацијата и планираме да нудиме не само производи за кредитирање, туку и производи за штедење и инвестирање.

 Споменавте дека Шпаркасе ќе почне да работи и инвестиционо банкарство. Тоа е за прв пат во Македонија некоја банка да го нуди. Што ќе опфаќа инвестиционото банкарство и зошто досега го немаше во Македонија?

Инвестиционо банкарство можат да нудат и да работат само големите групации. Македонија сама по себе е мал пазар и не може да се прават производи само и специјално за Македонија. Шпаркасе банка тоа ќе го работи заедно со групацијата Ерсте. За големите компании, било да им е потребно да позајмат средства или да имаат вишок на средства ќе им понудиме различни можности. Истото ќе го нудиме и за финансиските институции, за пензиските фондови, за осигурителните компании...На пример, за некои компании кои  влегуваат во големи инвестиции и им се потребни износи поголеми од 50-100 милиони евра ќе им обезбедуваме средства не само преку кредитирање, туку и преку различни други форми, преку емисија на обврзници, преку субординирани заеми или некои други форми на инвестирање. Добро е што кредитниот рејтинг на Македонија е прифатлив за светските инвеститори и ние заедно со Ерсте можеме да се јавиме како директен финансиер или како организатор на финансирањето или како комбинација на двете форми. Битно е дека за прв пат Македонија се става на радарот на една групација за таков вид на финансирање било да станува збор за финансирање на приватниот сектор или, пак, на јавниот сектор.

 Што станува со сегментот на кредитирање на компаниите? Како планирате тука да се позиционирате и дали ќе воведете некои нови и поповолни производи за компаниите?

Кредитирањето на компаниите е редовна дејност на Шпаркасе банка. Во овој сегмент исто така воведовме нов модел, каде што банката изработува кредитен рејтинг на компанијата врз основа на нејзиниот готовински тек. Ограничувачки фактор е економската активност во Македонија. Помеѓу кредитирањето и економската активност секогаш постои нераскинлива  врска и тоа е еден маѓепсан круг. Значи, не може банките да кредитираат ако економијата не расте, а економијата не може да расте ако банките не кредитираат. Клучно е дали приватниот сектор ќе излезе со нови и иновативни проекти за производство кое ќе биде ориентирано за извоз, бидејќи македонскиот  пазар е мал и ограничен. Економската активност во Македонија во овој период претежно се базира на градежниот сектор, кој придонесува со 20% во економскиот раст. Тоа на некој начин ни покажува зошто кредитната активност е ниска. Од една страна, имаме засилена градежна активност, но од друга страна гледаме дека недвижностите  и становите тешко се продаваат. Понатаму, градежната активност е пред се поддржана со проекти на државата, што во услови на економска стагнација е позитивно за економијата, но тоа значи исто така дека финансирањето не оди преку банките и приватниот сектор, туку преку државниот сектор.

 Планира ли Шпаркасе да влезе во кредитирање на градежните компании? Што мислите колку е одржлив овој економски раст кој е базиран на градежниот сектор и колку е можно да се случи пукање на тој балон кој се создаде во градежништвото?

Обновата на економскиот раст покрај другото се заснова на градежниот сектор, на јавни инфраструктурни проекти и на приватни градежни проекти. Ние поддржуваме доста градежни компании, но она што се чувствува на пазарот е презаситеност со станбени и деловни објекти. Она што на некој начин зачудува во Македонија е тоа што градежната експанзија се должи пред се на новоизградени станови кои учествуваат со околу 80%. Во светски рамки 60% до 65% од експанзијата на градежната индустрија се должи на обнова и реновирање на постојните згради и станови, а некаде околу 40% е новата станбена изградба. Она што најверојатно ќе следи е оваа рамнотежа да се воспостави на едно пооптимално ниво. Мислам дека во идниот период ќе бидеме сведоци повеќе на реновирање и обнова на постојните објекти, згради и станови, а помалку нова станбена изградба. Најверојатно и во Македонија ќе има приземјување на пазарот на недвижнини. Прашање е само дали тоа ќе биде меко приземјување или ќе биде со некој поголем потрес. Од друга страна, сведоци сме дека во сите земји кои добиваат датум за членство во Европската унија побарувачката за станови се зголемува, не само од страна на домашното население, туку и од страна на нерезидентите. Во Македонија, од една страна имаме зголемена понуда на недвижности, но исто така сите се некако во исчекување на добивање на датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Доколку овие процеси се совпаднат, може и рамнотежата да се воспостави на тој начин што значителен дел од побарувачката за станбен простор и недвижнини ќе дојде и од нерезидентите. Меѓутоа, доколку процесот за пристапување кон ЕУ се одложи, тогаш најверојатно ќе бидеме сведоци на меко приземјување во овој сектор.
Тоа што е позитивно е што носителите на економските политики објавија три големи инфраструктурни проекти, автопатот Скопје-Штип, делницата од Кичево до Охрид и ревитализацијата на пругите, кои ќе отворат голем фронт за градежната индустрија и за сите други пропратни индустрии кои гравитираат кон градежната индустрија.

 Значи може да се заклучи дека градежниот сектор и во иднина ќе го носи економскиот раст на Македонија?

Да, но не со сегашната структура на градежништвото.

 Како тогаш може да се зголеми кредитирањето на компаниите? Гувернерот и министерот за финансии не неколкупати во последниов период повторија дека тие направиле се што биле во нивна надлежност да се зголеми кредитирањето и дека сега банките се на ред да го зголемат кредитирањето на компании. Но, кредитирањето е се уште на многу ниски ниво...Дали формирањето на гарантни фондови или поактивно вклучување на Македонската банка за поддршка на развојот би помогнале да се разбие овој маѓепсан круг?

Македонската економија главно ја движат три дејности. Металната индустрија, која во минатото учествуваше со една третина во македонскиот извоз, потоа текстилот со околу 20% од извозот, земјоделието со 10% и градежништвото со околу 20%. Во моментов, металната индустрија е во тешка состојба заради намалената побарувачка од странство и мислам дека овој сектор ќе мора да помине низ процес на преструктуирање за да се обнови конкурентноста и кредитната активност. Земјоделието стандардно добро работи. Најверојатно туризмот ќе почне да дава позначителен придонес. И она што јас лично очекувам дека ќе биде секторот што најмногу ќе ја влече македонската економија и во кој банките ќе почнат повеќе да кредитираат се компаниите кои инвестираа во слободните економски зони. Овие компании денеска учествуваат со 20% во македонскиот извоз. Меѓутоа, нивните првични инвестиции се направија со средства од нивните матични компании и нивните матични банки. На пример, Ван Хул објави дека покрај финансирањето од сопствени средства, планира да соработува и со македонските банки. Во овој сегмент, предност е да се биде дел од поголема групација. Мислам дека тоа ќе биде каналот преку кој ќе почне да расте кредитната активност во Македонија. Исто така, очекувам да растат малите и средните претпријатија, образованието, услугите и сервисниот сектор во областа на медицината.

 А зошто Ван Хул би земал кредит од некоја банка во Македонија, кога сигурно може  да земе поевтин кредит од некоја друга европска банка? Колку македонските банки можат да бидат конкурентни во тој дел?

Сепак треба да имаме во предвид дека Македонија има кредитен рејтинг ББ+, а Германија, на пример, има рејтинг ААА. Од тој аспект и кога матичната компанија дава кредит на својата компанија во Македонија, таа го прифаќа кредитниот ризик на земјата и го вградува во цената на кредитот, што на крај го поскапува кредитирањето. Од друга страна, земањето на истиот кредит во Македонија прави подобра и пооптимална структура на билансот на компанијата мајка. Значи ако компанијата мајка се задолжи, тогаш таа превзема поголем долг во однос на својот капитал во матичната земја. Иако вложувањата во Македонија се мали, тие сакаат дел од вложувањето во одредена земја да биде пратено и со извори на финансирање од таа земја. Сведоци сме дека оние компании кои се подолгорочно присутни во Македонија, тоа веќе го прават.

 Што е со останатите компании надвор од зоните и на кои не им оди баш најдобро заради кризата? Од каде тие ќе најдат извори на финансирање?

Тие ќе мора да се преструктуираат. Компанија што стагнира ја губи конкурентската предност, станува неодржлива и како таква ќе биде превземена од некоја друга компанија на која и оди подобро, или од некои инвеститори или  акционери...Кога се користи зборот преструктуирање, тоа не значи уништување на дејноста, капацитетот или на производството, туку напротив тоа значи промена на начинот на работење, дали на постојните сопственици и инвеститори или на некои други инвеститори. Железарата е најдобар пример за преструктуирање. Таа Железара што постоеше пред 20 години пропадна. Меѓутоа, делови од Железара беа преземени од Митал стил, Макстил, Скопски Легури и денес тие субјекти се успешни, профитабилни и извозно ориентирани компании. Не станува збор за пропаѓање на средствата, туку за пропаѓање на инвеститорите. Тоа е всушност и мотото на пазарната економија - средствата да дојдат во рацете на оние инвеститори кои ефикасно и рационално ќе ги користат.

 Во време кога на најголем дел од компаниите, па дури и на носечките компании, не им оди добро се подготвува и Законот за финансиска дисциплина. Колку е сериозен проблемот со неликвидноста или несолвентноста со која се соочуваат компаниите и што очекувате да подобри овој закон?

На неколку пати досега имам потенцирано дека во Македонија нема никакви индикатори кои укажуваат дека има неликвидност во економијата. Основен индикатор за неликвидност е во економијата да има дефлација, односно да паѓаат цените како последица на тоа што нема доволно пари. Напротив, ние имаме пораст на цените, пораст на задолженоста и зголемување на лошите кредити. Зголемувањето на лошите кредити, иако пониско во споредба со нивото на лоши кредити во регионот, е сигнал дека кредитната способност е слаба. Од една страна, на пример: продажбите и извозот на металната индустрија се намалени, а велиме дека треба повеќе кредити. Кога продажбата ви опаѓа, логично е дека и задолженоста треба да ви се намалува.

 Но, како тогаш компаниите ќе се преструктуираат без пари? Од каде да обезбедат средства ако банките не сакаат да ги кредитираат? Значи ли тоа дека тие се осудени да пропаднат, односно да бидат превземени од некои кои имаат повеќе пари или полесен пристап до кредити...

Да, можеби ќе им бидат потребни средства за преструктуирање. Средства за да направат некој нов производ кој ќе го бара пазарот или да ги намалат трошоците на работење. Од тој аспект, мислам дека формирањето на одреден гарантен фонд би ја зголемил кредитната активност. Тоа значи дека државата, како што тоа го направија многу други земји во периодот од 2008 до 2010 година, кога кризата беше најинтензивна, треба да формира гарантен фонд. Да ги идентификува тие големи компании и дејности кои што се одржливи на долг рок, а на кои во моментот им треба преструктуирање. Државата би го поддржала процесот на преструктуирање, на тој начин што ќе издаде гаранции  за да го олесни пристапот на тие компании до финансии. Тоа функционираше во одреден период кога кризата беше интензивна и кога државите увидоа дека бројот на компании кои би можеле да бидат затворени е преголем и дека невработеноста на тој начин ќе се зголеми. Па истите трошоци државата би ги имала за социјални расходи за оние кои ќе останат без работа. Меѓутоа, за Македонија е карактеристично тоа што ние поминавме низ многу блага рецесија. Економскиот пад не траеше многу долго и не беше толку голем и носителите на економските политика најверојатно оценија дека е подобро со фискалната и монетарната политика да го стимулираат целокупниот раст на приватниот сектор, отколку да прават селекција во стимулирањето преку гарантен фонд.

 Очекувате ли да има банкроти на компании, посебно по примената на Законот за финансиска  дисциплина? Бидејќи многу компании отворено реагираат дека проблемот не е во тоа дека тие се недисциплиниран и намерно не сакаат да плаќаат, туку дека немаат пари за навреме да ги платат обврските...

Банкротствата се нормална работа за секоја пазарна економија. Колку побрзо тие се случат, толку побрзо од пепелта на тие што пропаднале, ќе излезат нови компании што генерираат раст и вработување. Ако гледаме од таа перспектива, американската економија во периодот 2008 -2009 година беше економија со најмногу банкротства на компании. Беа затворени дури и 400 банки. Денес американската економија е најдинамична економија која отвара најмногу работни места. Ако банкротствата се инструмент за да дојдете до поефикасна економија, тогаш тие не треба да не загрижуваат.

 Што ако од пепелта на пропаднатите компании не излезат нови компании кои ќе отворат нови работни места?

Ако банкротствата по обем се големи, а истовремено од нив не изникнуваат здрави и динамични компании кои ќе генерираат нов раст и ќе отворат нови работни места, тогаш имаме проблем. И тогаш носителите на економските политики ќе мора да ги редизајнираат мерките за да се урамнотежи динамиката на компаниите што пропаѓаат и новосоздадените компании, за да не дојде до значително зголемување на невработеноста.

 Во каква состојба е банкарскиот систем во Македонија? Повторно се актуелизираат тезите дека бројот на банки во Македонија е преголем, за што се зборува веќе со години. Но, сепак не се случија преземања или спојувања...

Македонија е се уште ниско доходна земја со осум и пол илјади евра БДП по жител, за разлика од високо развиените земји кои имаат околу 32 илјади евра БДП по глава на жител. Од друга страна, банката е компанија исто како и секоја друга компанија. И таа мора да има одреден обем на работење за да опстане на пазарот. Ќе ви кажам еден пример. Шпаркасе Словенија има вкупна актива од околу една милијарда евра и учествува со 3% во вкупната актива на словенечкиот банкарски систем. Шпаркасе Македонија со актива од 260 милиони евра, учествува со 5% во вкупната банкарска актива. Бројките се многу релативни. Во Македонија со вкупна актива на банкарскиот сектор од околу 5,5 милијарди евра, учество од 10% е 550 милиони евра. А во САД ако некоја банка има учество од 10% тогаш таа е најголема банка не само во САД, туку и во целиот свет. Инвестициите кои ќе се направат треба да генерираат одреден обем на работење. Оттука, произлегуваат и процените дека сегашниот број на банки е преголем. Втората клучна работа е што веќе 92% од македонскиот банкарски сектор е во странска сопственост. Ако порано за да бидете добар банкар проблем беше вашиот акционер да ви обезбеди капитал, сега веќе не е проблем на ниту една банка.

 Но, сепак најголемите банки во Македонија имаат проблематични акционери кои не можат баш така лесно да им обезбедат капитал...

Добро да кажеме дека не е проблем на растечките банки или банките кои надоаѓаат. И во такви услови дистрибуцијата на активата и клиентите помеѓу банките ќе биде порамномерна. Нема да има толку голем јаз помеѓу големите и малите банки. Шпаркасе е петта по големина банка во Македонија, меѓутоа има наследено голема концентрација во банкарскиот сектор помеѓу трите наголеми банки. Таа разлика во иднина ќе се намалува. Консолидацијата во банкарскиот сектор ќе се одвива по неколку основи. Првата основа е што за да опстанете ќе морате да имате одредена големина на работење или економија на обем. Второ, веќе нема да постои олигополистичка позиција на две или три банки, туку ќе бидат четири, пет или шест банки. Кога ќе дојдеме до тоа ниво кога ќе има шест банки, меѓу кои ќе има порамномерна дистрибуција, логично се поставува прашањето колку останува за другите десет помали банки. И во таква ситуација ќе се наметне уште едно многу важно прашање, а тоа е како да се излезе надвор од македонскиот пазар, односно како да се има регионален пристап. Затоа што, успешните компании го таргетираат регионот, не ја таргетираат само Македонија. Во такви услови, групациите ќе станат релевантни и многу значајни. Третата основа што се наметнува е дали банките кои имаат капитал и аспирации да се развиваат, ќе растат само органски или ќе се случуваат спојувања или преземања.

 Но, досега не се случуваа преземање и спојувања. Зошто би се случиле сега?

Спојувања и преземања немаше затоа што малите банки не беа закана за големите и средните банки. Тоа не се случуваше затоа што големите банки на одреден начин го чуваа пазарот, а малите банки беа претежно во домашна сопственост и амбициите на нивните акционерите беа ограничени. Од тој аспект, на пазарот постоеше едно џентлменско правило - ние сме големите банки со нашиот пазар, вие сте малите со вашиот пазар. И конкуренцијата тука завршуваше.
Сега конкуренцијата станува енормна и пазарот ќе си го каже своето. Не треба да бидеме нереални дека промените ќе се случат преку ноќ, тоа ќе биде подолгорочен процес. А и не би било добро промените да се случат преку ноќ, бидејќи ќе може да се поткопа финансиската стабилност. На сите нам, и на големите и на малите банки, и на Народната банка и на реалниот сектор, стабилноста на финансискиот сектор ни е најголем приоритет. Краткорочните погледи и интереси не треба да ја поткопаат таа света цел. Обврска на сите е да се брани и чува стабилноста на финансискиот сектор и работите да се одвиваат постепено, еволутивно  и пазарните сили да функционираат. На крајот тоа е она што сите не мотивира да бидеме подобри, поуспешни, без оглед на тоа кој е сопственикот.

 Дали тоа значи дека на малите банки, ако не најдат поголеми сопственици, им претстои затворање?

Па мислам дека нема да дојде баш така до механичко затворање на малите банки. Во принцип големите банкарски групации не сакаат да се истоштуваат и да почнуваат од почеток, да градат мрежа од експозитури...Тие по правило купуваат готова мрежа.

 На кој начин ќе се развива Шпаркасе, преку органски раст или преку преземање на некоја друга банка. Бидејќи впечатокот кој го има јавноста е дека Шпаркасе намерно не инвестира во ширење на мрежата, бидејќи е прашање на време кога ќе превземен некоја друга банка...

Ние не фантазираме. Стратегијата ја градиме на реални основи. Шпаркасе не е мала банка и во моментот имаме околу 30 филијали, интернет банкарство кое ни овозможува во секој дом и на секое работно место да ги нудиме нашите услуги. Сега го менуваме и информациониот систем кој треба да ни овозможи голема конкурентска предност на пазарот. Зависно од потребите и можностите ќе ја профилираме и нашата стратегија.

 Дали под фантазија мислите на шпекулациите дека акционерите на Шпаркасе Македонија ќе ја купат Стопанска банка од Национална банка на Грција?

Одговорот ќе го повторам. Не фантазираме. Она што е суштински е што групацијата е високо капитализирана, има средства, има приоритети за работењето во Македонија, а стратегијата ќе ја градиме на база на реалните состојби и можности на пазарот.

 На среден рок каде би се позиционирала Шпаркасе Банка?

Прво и основно е да останеме здрава и ефикасна банка, банка која ќе ги интегрира клиентите во своето работење, банка на која што може да се смета на долг рок, која ќе ги нуди сите производи и услуги, а големината ќе ја одреди пазарот. И како што и претходно споменав, мора да се има одредена економија на обем за да се биде ефикасен.

 Гледате ли знаци на економско заздравување и кои ќе бидат изворите на економски раст за следната 2014 година, во контекст и на ситуацијата во Европската унија?

Очигледно, Европската унија бавно заздравува. Она што ги изненадува сите е тоа што брзо растечките земји не се веќе брзорастечки. Турција која имаше раст од 5% до 6% сега тој раст се движи околу 2%. Бразил има раст од околу 2% до 3%. Русија забавува. Единствено Кина останува побрзорастечка земја, но сепак забавува од раст од 12% на раст од околу 7%. Она што најверојатно ќе следи во наредните три до пет години е здрав раст базиран на квалитативни промени во националните економии. Од тој аспект, секој раст од 3% до 5% ќе се смета за задоволителен раст. Проблемот е што таков раст не е доволен и бавно ќе ја приближува Македонија до високо развиените земји. Оттука, Македонија ќе мора да направи квалитативни промени во структурата на националната економија. Ќе мора да има повеќе истражувања и иновации кои ќе бидат вградени во македонските компании. Ако ја анализираме денешната структура, таа се базира на производство со ниска додадена вредност. Некој исчекор напред се прави со странските инвестиции. Она што го очекувам е овие големи играчи да ја препорачаат Македонија како место за инвестирање и на нивните добавувачи. Искуството од другите земји покажува дека три или четири години пред вклучувањето во ЕУ, странските директни инвестиции се триплирале. Имајќи ја во предвид макроекономската и политичката стабилност и приближувањето кон ЕУ, нешто што сите го посакуваат и очекуваат, уште повеќе ќе ја зајакне перцепцијата за Македонија како стабилно место за инвестирање. Најголемиот економски раст очекувам да дојде по тој основ и тоа ќе ја смени и структурата на македонската економија. Ќе треба многу да се вложува во едукација и преобука на работната сила, бидејќи македонските работници имаат многу ниско ниво на вештини.  Ќе треба да се направат реформи во образовниот систем, кои треба да генерираат нов профил на работна сила.
Имајќи го сето ова во предвид, во оваа фаза на развојот на Македонија, мислам дека капиталот не е проблем. Проблем се идеите и едуцираната работна сила.

-----------------------------------------------------------------------------------------

Банкротсвата се нормални во пазарна економија

Банкротствата на компании се нормална работа за секоја пазарна економија. Ако банкротствата се инструмент за да дојдете до поефикасна економија, тогаш тие не треба да не загрижуваат. Колку побрзо тие се случат, толку побрзо од пепелта на тие што пропаднале, ќе излезат нови компании што генерираат раст и вработување. Но, ако банкротствата по обем се големи, а истовремено од нив не изникнуваат здрави и динамични компании кои ќе генерираат нов раст и ќе отворат нови работни места, тогаш имаме проблем. И тогаш носителите на економските политики ќе мора да ги редизајнираат мерките за да се урамнотежи динамиката на компаниите што пропаѓаат и новосоздадените компании, за да не дојде до значително зголемување на невработеноста.

-----------------------------------------------------------------------------------------

Воведуваме и инвестиционо банкарство

За прв пат во Македонија на 12 ноември, Ерсте групацијата ќе одржи инвестиционен форум и за прв пат Македонија е ставена во радарите на групацијата со цел да се обезбеди финансирање, не само по пат на кредити, туку и преку сите современи форми на финансирање.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА