Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 08 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page КапиталНО

Надничарска економија

Биљана Здравковска
Надничарска економија

Во нормална пазарна економија банкротите се нормачна работа. Но, Македонија е се уште од нормална пазарна економија, а пазарот е далеку од перфектен. Многу е веројатно дека ќе се случуваат банкроти. Но, исто така е поверојатно дека се поголем е бројот на бизнисмени кои ќе одлучат да излезат од бизнисот и да не се враќаат повеќе. Или да одлучат да го продолжат бизнисот со увоз и трговија, наместо со производство и извоз. А фабриките веројатно ќе чекаме да ни ги отворат странците. Од нив ќе чекаме да ни го зголемат извозот. Да ни отворат нови работни места. Банките ќе се тепаат на која од компаниите од Бунарџик да и понудат поповолен кредит. И така ќе ја завршиме трансформацијата на економијата која и онака предолго трае. И ќе добиеме нова структура на економијата. Во која најсилна страна ќе биде квалитетната надничарска работна сила!

Минатата недела Македонија ја посети шефот на ММФ за брзорастечки европски земји Бас Бекер. Тој презентираше еден прилично интересен извештај за тоа како да се зголеми потенцијалот за побрз и повисок економски раст во Централна, Источна и Југоисточна Македонија. И за разлика од она на што досега се навикнавме да го слушаме од ММФ, тој беше изненадувачки дециден и јасен во лоцирањето на економските проблеми на Македонија, кои истовремено се и причина за високата невработеност во Македонија. Без премногу макроекономски термини и изрази и многу просто ни кажа дека стапките на раст кои сега ги остварува Македонија од 1%, 2% или 3%, во услови кога економијата на ЕУ расте со стапка од 1% до 2% не не водат никаде. И нема никогаш да ја намалат невработеноста.“Потребен ви е многу побрз раст, но потребно е тој да биде одржлив и да има прилив на капитал. Се надевам дека во иднината растот ќе биде поголем бидејќи со низок раст многу тешко дека ќе се намали невработеноста и ќе се надмине прашањето со нефункционалните заеми кои се голем проблем, бидејќи го намалуваат кредитирањето”, рече Бакер.

И посочи што треба да се направи за да се обезбедат услови за поголем раст. Да се подобри деловното окружување, економиите да станат поотворени и да се подобри нефункционалноста на пазарот на труд. Клучно е Владите на земјите во развој да ја подобрат инвестициската клима и да поттикнат отворање на што повеќе приватни бизниси.„Македонија има најголем проблем со невработеноста од сите земји во регионот и тоа не е поврзано само со актуелната криза. Дури и да претпоставиме дека постоечките фабрики би работеле со полн капацитет, тоа нема да го реши овој проблем, бидејќи всушност вие имате премалку фабрики. Затоа е потребен многу побрз економски развој, воден пред се од приватниот сектор“.Е ова е вистинската дијагноза за економскиот неуспех на Македонија, кој со години не држи на дното. Имаме премалку фабрики! А само со нови фабрики може да се намали невработеноста! Државата колку и да сака не може сите да ги вработи во јавната администрација и на тој начин да ја намали невработеноста. Нејзината клучна улога треба да биде да создаде услови за да се отворат нови фабрики. За жал во Македонија се случуваат обратни процеси. Државата се почесто и се посилно влегува на пазарот и го зазема просторот на приватниот сектор.

Резултатите се видливи. Економијата ја движат само градежните проекти кои ги финансира државата преку буџетот. Сите други клучни индустрии и компании се во криза. Точно е дека за тоа има вина и кризата во Европската унија и намалената побарувачка од овој наш најголем извозен пазар. Но, немото следење на ефектите што оваа криза го има врз приватните компании не не води никаде. Веќе почнаа да се гледаат резултатите од таквото однесување. Банките објавија дека дури 15% од кредити одобрени на компаниите се лоши и проблематични. Во некои банки овој процент е далеку поголем. Компаниите веќе и самите признаваат дека не можат навреме да ги плаќаат долговите кон банките, во време кога извозот им е намален и неизвесен, во време кога паѓаат продажбите и на домашен пазар, а се потешко можат да си го наплатат она што го сработиле. Многу компании стануваат сериозно несолвентни. И немаат пари навреме да си ги плаќаат обврските. Тоа нема врска со неликвидност и финансиска недисциплина. Тие едноставно ја губат кондицијата. А од нив банките очекуваат да понудат нови, профитабилни и извозно ориентирани проекти. Како?

Со кои пари да ги произведат новите производи? Кој ќе им верува дека знаат да водат бизнис, ако нивниот бизнис е во криза и не прави профит? Ако банките не им даваат кредити на оние фирми на кои лошо им оди, а клиентите не им платиле навреме, од каде да најдат пари навреме да исплатат плати, даноци, придонеси, рати за кредит, долгови на добавувачите? Во нормална пазарна економија ваквите фирми би требало да прогласат банкрот. И без за тоа многу да се дига галама да почнат одново. Но, Македонија е се уште од нормална пазарна економија, а пазарот е далеку од перфектен. Затоа е многу веројатно дека ќе се случуваат банкроти. Но, исто така е поверојатно дека се поголем е бројот на бизнисмени кои ќе одлучат да излезат од бизнисот и да не се враќаат повеќе. Или да одлучат да го продолжат бизнисот со увоз и трговија, наместо со производство и извоз. Или, пак, за добра плата да се вработат во некоја друга фирма. А фабриките веројатно ќе чекаме да ни ги отворат странците. Од нив ќе чекаме да ни го зголемат извозот. Да ни отворат нови работни места. Банките ќе се тепаат на која од компаниите од Бунарџик да и понудат поповолен кредит. И така ќе ја завршиме трансформацијата на економијата која и онака предолго трае. И ќе добиеме нова структура на економијата.Во која најсилна страна ќе биде квалитетната надничарска работна сила!


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА