Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 08 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page Cover story: Кој е ефектот од странските инвестиции врз економијата?

Mакедонските компании немаат голем ќар од странските инвестиции

Дејан Азески
Mакедонските компании немаат голем ќар од странските инвестиции

Бројот на домашни компании кои соработуваат со странските инвеститори е се уште многу мал, иако државните институции тврдат дека нивниот број се зголемува. Заклучокот од целосното истражување на Капитал е дека домашните компании многу тешко стануваат соработници и добавувачи на големите светски компании кои влегоа во македонските зони.

Од 2006 година па досега во Македонија вкупно влегле 1,8 милијарди евра странски инвестиции. Иако оваа сума изгледа многу мала во однос на вкупните странски директни инвестиции кај соседите (конкретно во Србија за 12 години влегле 15,96 милијарди),овие инвестиции и тоа како имаат голем ефект врз макроекономските показатели на земјава. Минатата година само компаниите во слободните зони создале скоро 20% од вкупниот извоз на Македонија. Во исто време само инвестициите кои започнаа со реализација во 2012 година предвидено е да отворат 8.500 работни места.
Меѓутоа кога странските инвестиции ќе се анализираат на микроекономско или компаниско ниво ефектите се уште се мали. Имено, бројот на домашни компании  кои соработуваат со странските инвеститори се уште е многу мал. Во текот на изминатата 2012 година, македонските компании продале производи и услуги кон слободните економски зони во вредност од околу 38 милиони евра, што е скоро троен раст во однос на 2011 година кога тој износ изнесувал 12 милиони евра. Иако бројките и државните институции посочуваат дека оваа категорија има нагорен тренд, заклучок од истражувањето на Капитал е дека домашните компании се уште многу тешко стануваат соработници и добавувачи на големите светски компании кои влегоа во македонските слободни зони.

Кои се причините?

Околу оваа проблематика мислење побаравме од професорот Марјан Петрески од Американ Колеџ. Според него, странските инвеститори досега многу малку или воопшто не се врзуваат со локалната економија.
„Голем дел, ако не и сите од нивните инпути во производниот процес се од увоз. Тоа значи дека додадената вредност што ја креираат се сведува само на вградената работна рака и отсуствува мултипликативен ефект “ вели Петрески.
Голем дел од странските инвеститори во Македонија припаѓаат на индустријата за производство на автомобилски делови и компоненти. Од таа област од повеќе од 50 домашни компании кои работат во таа област едвај најдовме пет кои соработуваат со странските инвеститори.
„Треба да се знае дека странските инвеститори се големи компании кои веќе имаат свои добавувачи на ниво на корпорации со кои соработуваат со години. Исто така, процедурата да се стане добавувач и соработник на вака големи компании трае со месеци. Значи минимум пет, шест месеци се испитува производот пред да се одобри од централата на овие компании“, ја објаснуваат ваквата состојба од автомобилскиот кластер кој ги обединува македонските компании кои работат во автоиндустријата.
Директорот на дирекцијата за развојни зони Виктор Мизо сепак е оптимист дека во иднина соработката се повеќе ќе се зголемува, а странските компании ќе имаат се повеќе македонските добавувачи и партнери.
„Соработката помеѓу новите странски инвеститори и домашните компании дефинитивно расте. Точно е дека некои од производите се специфични и нашите компании не можат да ги задоволат барањата на странците, а за некои производи веќе имаат добавувачи од странство од многу поодамна, но сепак македонските компании се се поприсутни како добавувачи“ тврди Мизо.

Кои се компаниите кои соработуваат со странските инвеститори?

Капитал стапи во контакт со малкуте компании кои успеале да почнат и подолг период да имаат успешна соработка со странските инвеститори во земјава со цел нивните искуства да им ги пренесеме и на другите македонски компании.
Богослав Ангеловски од Ариље Метал вели дека неговата компанија за производство на завртки ги осплужува сите странски инвестиции во Македонија.
„Произведуваме специјални навојни производи кои што покрај на домашниот пазар ги пласираме и кај сите странски инвеститори кои што се присутни во Македонија. Тие што имаат потреба во нивните производствени процеси се обраќаат кај нас за помош да им се изработи одреден вид на производ и ние тоа го исполнуваме. Засега соработуваме со Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Кемет, Кромберт и Шуберт", раскажува Ангеловски и потенцира дека сепак засега соработката се одвива само со мали количини на производи.
Од скопската компанија Тете Пласт која произведува делови од пластика, изработува алати и калапи за вбризгување на пластика и развој на производи за  компаниите од автомобилската индустрија велат дека соработуваат во помал или поголем обем скоро со сите компании кои инвестираа во Македонија, независно дали се од автомобилскиот сектор или не. Според Тодоровски можно е да се почне соработка со странските компании под услов да се работи професионално и да се исполнуваат строгите критериуми и услови.
Струшката компанија за преработка на полиестер Унипласт која подолго време работи и на странски пазари, активно е и во преговори за соработка со странските инвеститори. Сопственикот на Унипласт, Кристијан Ковачевски вели дека веќе имаат испратено нивни производи на тестирање во централата на Ван Хул во Белгија.
„Моментално имаме преддоговор за соработка со Ван Хол во делот на производството на делови за автобусите. Конкретно соработката треба да се базира на сите  полиестерски делови за нивните автобуси како што се: поклопец за мотор, предна маска, рамка за багаж, задна маска и слично. Нашиот дизајн во моментов е на тестирање во нивните фабрики во Белгија и очекуваме со почетокот на фабриката со производство да започне и испораката на наши делови. Значи ги имаме набавени и калапите и материјалот и спремни сме да почнеме со испорака“ вели Ковачевски.
И кочанската компанија Тинг веќе подолго време соработува со Џонсон Мети. Тие нивната производна палета базирана на инокс материјали ја нудат како на домашниот, така и на странските пазари и на новите странските инвеститори во Македонија. Според сопственикот Славе Јорданов можно е да се влезе во соработка со секого, но треба да се нуди квалитет.
“Во нашава работа не смее да има пропусти. Досега не сме загубиле клиент, бидејќи сè што имаме договорено имаме остварено и испорачано. Мора да се биде професионален и кога ќе сфатите по 20 и кусур години колкава доверба акумулирале клиентите во вас и со каква почит се однесуваат кон вашата компанија, тогаш ви се исплатува секој непроспиен час низ годините полни со  бркање рокови, квалитети и норми“, вели Јорданов.

Како да се зголеми соработката?

Фактот дека многу полесно и поедноставно е да се соработува со големите компании, кои дел од своето производство веќе го лоцираа во Македонија, отколку истите тие да се бркаат во Западна Европа го отвара прашањето што треба да се направи за да зголеми оваа соработка.
Од автомобилскиот кластер велат дека ќе иницираат средба помеѓу домашните и странските компании од автоиндустријата за да се поттикне соработката
„Сепак нашите информации велат дека странските инвеститори се добро запознаени со можностите на македонската автоиндустрија и дека е потребно време за да се зголеми соработката. Инаку и во моментов преку кластерот секоја компанија може да се поврзе со новите инвеститори со кои имаме контакти“, од велат од автомобилскиот кластер.
Виктор Мизо вели дека со царина веќе направиле измени за олеснување на влезот на македонските компании и производи во зоните за на тој начин да имаат одредена предност во однос на странските добавувачи.
„Напролет се планира активност за вмрежување на домашните добавувачи и странските инвеститори каде ќе се седнат двете страни на една иста маса. Но секако прво е многу важно домашните добавувачи да се стандардизираат и да ги задоволуваат сите пропишани светски стандарди во оваа индустрија“, вели Мизо.
Сепак дел од компаниите и бизнисмените се објективни и самокритични.
„Само ние компаниите можеме да ги убедиме странските инвеститори за соработка, нудејќи им поповолно, со ист или сличен квалитет производи или услуги во однос на странските добавувачи од кои се снабдувале или се снабдуваат. Ниедна институција тука не смее и не може да им се меша на странските инвеститори и да им наложува од каде тие ќе се снабдуваат. Улогата на институциите ја гледам во тоа да им овозможат на странските инвеститори доволно информации за потенцијалите на македонските компании добавувачи“, вели Ѓорче Тодоровски од ТеТе Пласт.

--------------------------------------------------------------------------

Бројки:

 1,8  милијарди евра странски директни инвестиции се влезени во земјава од 2006 та досега

 38 милиони евра производи и услуги продале македонските компании кон зоните во 2012 та година

 20% од вкупниот извоз на Македонија се создава во слободните економски зони

 8.500 вработени е предвидено да отворат странските инвестиции кои влегоа во Македонија во 2012 та година

--------------------------------------------------------------------------

Виктор Мизо
директор на Дирекција за технолошко индустриски развојни зони
„Напролет се планира активност за вмрежување на домашните добавувачи и странските инвеститори каде ќе се седнат двете страни на една иста маса. Но, секако прво е многу важно домашните добавувачи да се стандардизираат и да ги задоволуваат сите пропишани светски стандарди во оваа индустрија“

Ѓорче Тодоровски
сопственик и директор на ТеТе Пласт
„Само ние компаниите можеме да ги убедиме странските инвеститори за соработка, нудејќи им поповолно и со ист или сличен квалитет производи или услуги во однос на странските добавувачи од кои се снабдувале или се снабдуваат. Ниедна институција тука не смее и не може да им се меша на странските инвеститори и да им кажува од каде тие ќе се снабдуваат. Улогата на институциите ја гледам во тоа да им овозможат на странските инвеститори доволно информации за потенцијалите на македонските компании добавувачи“

Марко Обрадовиќ
Стопанска комора на Србија
„Секој производ кој се извезува од Србија мора да има 51% домашни суровини во него. На тој начин странските инвеститори не ја искористуваат само Србија, туку и Србија и нејзиното стопанство бенeфицираат од странските инвестиции“

Кристијан Ковачевски
директор на Унипласт
„Моментално имаме преддоговор за соработка со Ван Хол во делот на производството на делови за автобусите. Нашиот дизајн во моментов е на тестирање во нивните фабрики во Белгија и очекуваме со почетокот на фабриката со производство да започне и испораката на наши делови. Значи ги имаме набавени и калапите и материјалот и спремни сме да почнеме со испорака“

Марјан Петрески
професор на Американ Колеџ
„Странските инвеститори досега  многу малку или воопшто не се врзуваат со локалната економија. Голем дел, ако не и сите од нивните инпути во производниот процес се од увоз. Тоа значи дека додадената вредност што ја креираат се сведува само на вградената работна рака и отсуствува мултипликативен ефект“

--------------------------------------------------------------------------

Како Србија ја зголеми користа од странските инвестиции?

Погоре спомената бројка од 15,96 милијарди евра странски директни инвестиции во Србија не е случајна. Таа во најголем дел се должи ни а договорите за слободна трговија кои Србија ги има со Русија, Белорусија и Казахстан, а кои се голема мамка за западните инвеститори.
Марко Обрадовиќ од Стопанската Комора на Србија за Капитал објаснува дека последниве неколлку години има масовна изградба на производствени капацитети со намера да извезуваат во Русија.
„Во моментов во Србија има преку 1.300 словенечки компании и околу 500 од Хрватска. Исто така од Италија има масовнодоаѓање на инвеститори кои сакаат да извезуваат во Русија. Тие вложуваат во Србија и формираат заедничка италијанско-српска компанија која е регистрирана како српска и на тој начин извезуваат со 1% царина, наместо со 10% како што би се извезувало од Италија за Русија“, вели Обрадовиќ.
Обрадовиќ објаснува дека секој производ кој се извезува од Србија мора да има 51% домашни суровини во него. "На тој начин странските инвеститори не ја искористуваат само Србија, туку и Србија и нејзиното стопанство бенефицираат од странските инвестиции“, вели Обрадовиќ.


КОМЕНТАРИ

Коментирај
  • мал коментар
    Објавено на 23.01.2014, од Душко

    Странските компани доаѓаат во МК со познати листи на добавувачи и дистрибутери. Само доколку експлицитно се бара од Нив да соработуваат со домашни компани само тогаш тие ќе се отворат за домашните компании. Пример, за обичен рутер од 100 евра странецот го набавува од нивните дистрибутери, чека три месеци, и покрај тоа што може да го купи во МК и да го добие веднаш.



КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА