Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 11 јули 2014, 12:22, во Коментари
Share |
Print page

Кој да го промовира извозот?

Биљана Здравковска Стојчевска
Кој да го промовира извозот?

Овие владини роуд шоу мора да го сменат или прошират фокусот. Односно, кога се оди во потрага на странски инвестиции низ светот или кога се договара влезот на некој странски инвеститор во Македонија еднакво важен приоритет да биде и промоцијата на домашниот извоз и отворање на нови пазари за македонските извозници. Политичарите кои ја водат државата, за доброто на сите мора да сфатат дека мора дел од својата енергија и работно време да го стават и во функција на домашните компании кои се најголеми плаќачи на даноци во буџетот од кои тие земаат плата. Зошто ситуацијата која сега ја имаме, а во која министри во име на странски инвеститор организираат саем за работа за интервјуа на вработени или се јавуваат како официјални лица за контакт со странска компанија која инвестирала во Македонија, во најмала рака е чудна и основано отвoра дилема чии интереси штитат и промовираат македонските министри?

Владината делегација предводена од премиерот се врати од роуд шоуто низ азиските земји. Веста дека кинеската Веибо одлучила да инвестира 400 милиони евра во Македонија беше објавена како финален резултат и доказ за успех на овие посети, односно дека тие не се само залудно трошење пари.

Овие посети се добри. Иако многу луѓе од бизнисот веднаш по заминувањето во оваа тура коментираа дали има смисла оваа тура ако се знае дека само пред една година голема владина делегација беше во Кина. Но, Кина е сепак пазар за кој се тепаат сите, дури и најразвиените земји.
Еве и германската канцеларка Ангела Меркел беше во Кина. За нејзиниот мандат, односно од 2005 година таа дури седум пати била во посета на Кина.

Како што пренесе државната кинеска агенција германско-кинеските односи се најдобри досега во историјата, силно поттикнати од прагматичната соработка помеѓу два економски “тешкаши”.
Но, има една голема разлика. Меркел отиде во Кина со бројна и силна бизнис делегација. И однапред се знаеше дека патувањето во Кина не е за ништо друго туку за свечено потпишување на конкретните трговски договори тешки милијарди долари за извоз на германските фирми кинескиот пазар. На пример, во друштво со Меркел и годинава беа компании како Сименс, Фолксваген, Аирбус, Луфтанса, Дојче Банка...Еве само еден пример. Договорено е формирањето на заедничка компанија од Ер Чајна и Луфтанса за летови на релација Кина-Европа.

Во меѓувреме, Германија е најголем трговски партнер на Кина во Европа, додека Кина е најголем партнер на Германија во Азиско-пацифичкиот регион. А овие два водечки светски извозници имаат меѓусебна трговска размена 140 милијарди евра.

Зошто во државните делегации нема бизнисмени? Зошто посетите на државниот врв не се искористуваат за да се зајакне македонскиот извоз и да се најдат и договорат нови зделки за македонските извозни компании? А само пред еден месец во Министерството за надворешни работи имаше средба на која сите претставници се согласија дека е неопходно да се зголеми извозот на Македонија во Кина. Потенцијалите за извоз на кинескиот пазар се практично неограничени. Иако Македонија извезува само околу 100 милиони долари во Кина, а тој извоз само лани бил намален за околу 30%. Македонија има компании кои можат и кои веќе извезуваат во Кина, а кои би можеле да извезуваат уште повеќе ако министрите успеат да излобираат за полесен влез и склучување на конкретни зделки. Но, веќе е очигледно дека министрите се однесуваат игнорантски кон извозот и кон извозните компании. Дали политичарите со ваквиот однос покажуваат дека имаат кренато раце од домашните извозници па целата извозна стратегија ја темелат на привлекување на странските инвеститори кои ќе отворат фабрика во Македонија од која ќе извезуваат од странство?

Значи никој не го омаловажува значењето на инвестицијата од 400 милиони долари за изградба на фабрики за текстилни и челични производи од Веибо Груп во зоната Ранковце во која се планираат да се вработат над 5 илјади лица. На турскиот газда кој отишол дури до Кина за да изгради текстилна империја сега му е поисплатливо да отвори фабрики и да произведува во Македонија. Тоа веројатно им импонира на владините претставници кои поминаа сериозна километража низ светот привлекувајќи инвестиции. Македонија да биде поевтина од Кина. Тоа сигурно го немало ни во најоптимистичните сценарија.

Но, реалноста е дека досегашните ефекти од странските инвестиции се скромни. Барем кога станува збор за нето извозот. Големите цифри за историски најголем раст на извозот и рекорден извоз од зоните во првите четири месеци годинава се сведува на нето извоз од околу 50 милиони евра. Затоа што овие големи фабрики имаат пракса сите суровини да ги увезуваат од онаму од каде што им се најевтини, бидејќи не плаќаат никакви царини за нивниот увоз во Македонија. Односно, освен евтината работна рака, која нормално им е најисплатливо да ја користат од кај нас, сите други суровини им е поисплатливо да ги увезуваат. Министрите и јавно констатираа дека соработката помеѓу странците и домашните компании е на многу ниско ниво, но за тоа ги обвинија домашните компании.

Тоа сериозна држава не го дозволува. Не може министрите по сите бенефиции што им ги даваат на странците само да констатираат дека домашните компании  не се доволно агилни и силни за да се наметнат и да прават бизнис со странските инвеститори во зоната. Во секоја сериозна држава промоцијата на домашните компании и домашните извозници се ставени како врвен приоритет на политичарите на власт и на дипломатијата. Ако ние самите не го промовираме извозот и ако не го градиме брендот made in Macedonia, залудно е да очекуваме тоа да го прават странските инвеститори наместо нас.

Кампањите “купувајте македонски производи” кои владата ги прави веќе неколку години, немаат ама баш никаква логика да се прават во Македонија. Ако свесноста и потребата за купување македонски производи не успееме да ја продадеме надвор од Македонија, тогаш македонски производ се потешко ќе се продаваат и дома. Како што премиерот во минатото често знаеше да потенцира, за македонските компании и за Македонија како држава важи премисата извезувај или умри. Компаниите кои не извезуваат се осудени да умрат, бидејќи македонскиот пазар е премал за да може да обезбеди доволно приходи со кои може да се развиваат, да инвестираат и да одржуваат квалитетно производство. Без извоз прашање на време е само кога ќе бидат исфрлени и од домашниот пазар.

Затоа овие делегации и владини роуд шоу мора да го сменат или прошират фокусот. Односно, кога се оди во потрага на странски инвестиции низ светот или кога се договара влезот на некој странски инвеститор во Македонија еднакво важен приоритет да биде и промоцијата на домашниот извоз и отворање на нови пазари за македонските извозници. Политичарите кои ја водат државата, за доброто на сите мора да сфатат дека мора дел од својата енергија и работно време да го стават и во функција на домашните компании кои се најголеми плаќачи на даноци во буџетот од кои тие земаат плата. Зошто ситуацијата која сега ја имаме, а во која министри во име на странски инвеститор организираат саем за работа за интервјуа на вработени или се јавуваат како официјални лица за контакт со странска компанија која инвестирала во Македонија, во најмала рака е чудна и основано отвoра дилема чии интереси штитат и промовираат македонските министри?


КОМЕНТАРИ

Коментирај
  • reprodukcija na negativen kod
    Објавено на 18.07.2014, од Borce gvg

    Da pocnam od pocetok..

    Ne se zbori za kako nastanale ludjeto od majmuni tuku kako sega od ludje pravime majmuni.
    Da rezimiram.
    Drzavniot kapital togas se transformirase od apsolutno ekonomsko neuki politicari ,( za sebe ok ) ponatamu prodolzija beter za da dojdeme do denes.Denes sme polosi od 1994.
    Ako smetate deka nasite segasni 60.000 aktivni firmi se steknale so kapitalot so neplacanje a strancite so placanje ( Iako vo USA 1600 g ne bilo taka ) i deka nivniot " cist kapital " ce ja preporodi Makedonija ok, ce vidime naskoro.
    Pak ce komentirame. Mene , ne mi izgleda taka. Ne moze transplatiran organ ( pozelno ) bez maticnite organi. Moze samo da dopolni , ne da go zameni ( osven ako ne go kolonizira i unisti domacinot ) .

    Borce , gvg


  • Bazicna i dopolnitelna ekonomija
    Објавено на 12.07.2014, од Borce gvg

    "Dopolnitelnata ekonomija" ( kade sto e dozvolna ! ) sekako e dobredojdena no edinstveno kako dopolnenie ( vo korelacija, proporcija ) na nasata Postoecka "Bazicna " ekonomija . Vo sprotivno na dolg rok neminovno ce dojde do negativna devijacija na steta na "Bazicnata".
    Vo sekoj slucaj mora posebno da se sledat i analiziraat. Ako ednata se pokacila-Bravo ( preku TIRZ ovite ) kako e so drugata ??

  • mislenje
    Објавено на 11.07.2014, од p

    Toa sto Vladata odi na road show-ua e za golemo pozdravuvanje - i site onie, koi go osuduvaat ne se vo pravo. e sega prasanje e "Zosto ne odat nasite bizn ismeni vo roud show-a" - pa sigurno treba nekoj gi pokani, a ne gi kanat za da ne im gi vidat nebulozite koi se slucuvaat. a isto taka od druga strana - nabrojte poveke od deset realno makedonski kompanii koi imaat moznost i sila, finansiska potkrepa i kapacitet i proizvodni sili za da izvezuvaat dovolno vo kina? ili pak vo nekoj apogolema druga drzava(rusija, indija). se prasal li nekoj sto ako kina kaze - dajte ke kupime od mak firmi proizvodi za cetiri milijardi $ ili eur bez razlika, STO KE IM PRODADEME???. kompaniite koi realno nesto vlozuvaat vo svoite proizvodstveni kapaciteti i kadri se brojat na prstite od edna raka i sekoja im cest, i tie go imaat gore dolu reseno svojot problem so plasman, dali na dom/ dali na stranski pazar seedno. od druga strana - ima li vo vladata lugje koi ke go odrabotat ona sto vladata go dogovar

  • ШОУ
    Објавено на 11.07.2014, од еу

    Госпоѓо Стојчевска, пред да попуваш за извозот и за тоа дека домешните компании биле најголеми плаќачи на данок, прво објасни како се стекнати тие ДОМАШНИ компании кој колку платил ВО БУЏЕТОТ НА РМ за да ги купи, ДАЛИ И КОЛКУ Е ОШТЕТЕН ИМОТОТ на државата и јавниот интерес од 1994 до 2002 со КРАЖБИ НА ДРЖАВЕН КАПИТАЛ па потоа ПРЕСМЕТАЈ и дај конкретни БРОЈКИ за секоја домашна компанија колку данок плаќа ИЛИ Е ОСЛОБОДЕНА од ДАНОК НА ДОБИВКА? Не држи лекции на Владата за извоз туку дај да видиме прво кој како се стекнал со тие домашни компании и колку данок НЕ ПЛАТИЛЕ за купувањето



РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000