Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 11 јули 2014, 11:50, во Коментари
Share |
Print page

За државата и дипломатијата

За државата и дипломатијата

Се додека водењето дипломатија го гледаме само како амбасадорување низ убавите метрополи, имиџот на Македонија ќе еродира.    

Габриела Делова

“Да не кажеш ништо, особено додека зборуваш, е половина од уметноста што те прави дипломат“.

Се чини во македонската дипломатија важи само првото- да молчиме и притоа воопшто да не зборуваме. Последната недела интегритетот на Македонија како држава повеќекратно беше на удар. Почнувајќи од скандалозната изјава на грчкиот премиер Андонис Самарас кој рече дека македонскиот јазик е „измислен од комунистите“, па се до палењето на македонското знаме во нашата соседна државата Косово. На таквото флагрантно удирање по македонските вредности, немаше ниту протесна нота (барем јавно соопштена) ниту пак реакција (ако ја исклучиме преписката на екс шефот на дипломатијата Антонио Милошоски на Фејсбук со Самарас), а најмалку пак изјава од клучните чинители во државата, премиерот, претседателот и министерот за надворешни работи. Оти дипломатијата не ја водат само дипломатите, многу повеќе таа е работа на највисоките функционери во државата. Но место тоа, премиерот беше на турнеја на најдалечниот исток (веројатно подалеку и не можел), а трагата на министерот за надворешни работи е речиси целосно непозната. За претседателот и да не зборуваме. Во отсуство на државниците, странските амбасадори за најважните теми во државата, секојдневно одржуваат средби со лидерите на партиите, место со оние во чии раце барем формално правно лежат одлуките. Не сме ниту колку Косово, соседот кој од “вчера“ е држава, каде претседателот Арифете Јагјаха застана во одбрана на Македонија, па повика веднаш да се најде сторителот на делото (палењето на македонското знаме). Но што и да се очекува од дипломатија во која највисоките претставници- амбасадорите па и државни функционери се бираат на оглас. Дипломатија во која кариерните дипломати се потчинети и ставени на најнискиот можен ранг како службеници во Министерството. Дипломатија во која новиот заменик министерот нема ниту 30 години и е без солидно дипломатско искуство.

Последните случувања во земјата јасно упатуваат дека ние си „играме држава“. Но без разлика на проблемите дома, работата на дипломатијата е да го сочува, па дури и изгради имиџот на државата. Место тоа, се добива впечаток дека дипломатите седнати во удобните фотелји по европските и светските метрополи, полесно им е само да креваат раменици, место барем советодавно да се мобилизираат околу проблемите со кои се справува земјава. Се додека водењето дипломатија го гледаме само како амбасадорување низ убавите метрополи, имиџот на Македонија ќе еродира. Со вакво молчење, кога другите неправедно не напаѓаат, држава со добар имиџ тешко бидува.  


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000