Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 04 јули 2014, 10:26, во Коментари
Share |
Print page

Превенирањето на меѓуетничките тензии сведено на молби за помирна полиција

Максим Ристески
Превенирањето на меѓуетничките тензии сведено на молби за помирна полиција

Вината, особено за отсуството на граѓанскиот момент во албанските протести за „Монструм“, не може да не се бара кај оние кои го поставија критериумот - повеќе Албанци во институциите значи поглема доверба во нив.

Мирни протести и уште помирна полиција. Ваквите желби стануваат сѐ попусти во услови кога по сите трагични случаи со жртви и осомничени (или осудени) сторители, кои, случајно или не, се од различни етнички или верски страни, автоматски следуваат повици за одбрана на етничките права. Кога зборуваме за „помирна полиција“, мислиме на претставата во јавноста дека органите на редот ќе ги чуваат меѓуетничките односи однесувајќи се малку поделикатно со протестантите Албанци кои денеска ќе тргнат од Чаирчанка, отколку со толпата во Ѓорче. А поради пресудата во случајот чие име буквално ја отсликува природата на делото, причини за протест би требало да имаат и Македонците - незадоволни останаа и семејствата на убиените момчиња кои велат дека осудените и да се извршители, „монструмите“ се пет лица кои државата ги знаела, но не ги откривала и гонела. Но, ваков протест ќе нема, како што немаше ниту кога полицаецот Јаким Трифуновски беше осуден на доживотен затвор. Дека треба да се почека правосилноста на пресудата за убиството кај Смилковско Езеро порачаа министерот за правда од ДУИ, Аднан Јашари, и пратеникот на истата партија, Рафис Алити. Но, тоа не ги спречи организаторите на денешниот протест „против монтираните случаи“ да порачаат дека „ова не е само протест, туку национална обврска да живееме со мотото: денеска кај соседите, утре дома. Доколку не интервенираме денес кога неправдата достигна кулминација, тогаш нека останат без сон очите на страшливците“. Очигледно, националната обврска овде е под соседи да не се подразбираат и Македонците, а за природата на интервенцијата која се заговара во цитатот, зборува клетвата упатена кон „страшливците“. Мотивот за вака најавените протести не може да се види во  поводите што ги дава случајот „Монструм“. Вината, особено за отсуството на граѓанскиот момент во револтот (кој во голема мерка би бил оправдан), не може да не се бара од оние кои сега повикуваат да се почека одлуката на апелација, кога нивен, албански кадар е на чело на Министерството за правда. Проблемот е што како услов за да им се верува на државните институции тие го поставија токму тој критериум - повеќе Албанци во институцијата значат поглема доверба во неа. Не се поучија од куршлусот на ваквата логика што настана кога при апсењето на осомничените во случајот „Монструм“, ДУИ го имаше вториот човек во МВР, заменикот- министер, Џелал Бајрами. За албанската владејачка партија немаше проблем во текот на истрагата (па, таму беше Бајрами), а црвениот аларм им се вклучи дури откако Албанците во протестите по апсењата ги искршија прозорците во зградата на општината каде што градоначалник е потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити. Така дојдовме до ситуацијата превенирањето на меѓуетничките тензии да се сведе на способноста на полицијата да ја задржи својата „мирност“, за чашата да не се прелее во дворот на ДУИ.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000