Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 04 јули 2014, 10:19, во Коментари
Share |
Print page

Има ли јунак да го одбрани достоинството на Собранието?

Габриела Делова
Има ли јунак да го одбрани достоинството на Собранието?

Дека Собранието веќе одамна ја има изгубено функцијата на асамблеја во која се слуша здрава дебата, е повеќе од јасно. Но, дали ноншалантно однесување на пратениците е доволно оправдување, власта кон највисоката законодавна власт да се однесува со потценување?

Деновиве до собраниските служби Владата ги испрати најновите предлог закони и предлог законски измени. Меѓу нив секако и „многу популарните“ иницијативи за уставни промени за кои веќе со денови се зборува. И секако, ова не е ништо ново. Дека Владата е најголемиот предлагач на закони во државава, веќе одамна е познато. Речиси отсекогаш мнозинството предлог законски измени доаѓаат токму од владината кујна, а пратениците, оние малку поактивните, пак, ги чекаат како фрлена „коска“ врз основа на која се „острат забите“ за партиските интереси, место за оние на граѓаните. Јавна дебата, експертско мислење или пак научна анализа воопшто и не се бара. А кому му е таа и потребна, кога многу позабавен е театарот кој се случува во собраниската сала, отколку дебатата за суштината на законските измени кои граѓаните тешко и ги разбираат. А и како би ги разбрале, кога и онака власта законите си ги толкува како сака и кога сака. 

Но, она што боди очи овој пат, не е потеклото на иницијативите. Туку начинот на кој се доставени до Собранието. Објаснувањата за дел од бараните измени фрапираат. Место доследно и аргументирано објаснување, Владата само со неколку  нафрлени реченици  бара уставни измени. 

Еклатантен пример е иницијативата за меѓународна финансиска зона за која објаснува: „со создавањето на финансиската зона ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Македонија преку создавање на услови за привлекување на меѓународни друштва и трговски друштва“?! Како еден пратеник, кој нема економски бекграунд, би можел да ја знае суштината на потребата од оваа уставна измена?! Па дури и да го има потребното образование, дали овие три реда текст доволно објаснуваат која е целта на предлогот  за  да се спроведен еден вака важен и сложен процес, како што е отварање на Уставот?

Дека Собранието веќе одамна ја има изгубено функцијата на асамблеја во која се слуша здрава дебата или пак од каде потекнуваат добри иницијатива на кои и Владата би застанала да се подзамисли, е јасно. Особено ако се знае дека половина од пратениците, помалку или повеќе, отсуствуваат од работа, поголемиот број од нив никогаш не застанале на говорница, а за многумина  работата во Собранието преставува само вметнување на електронската картичка и гласање „за“ или “против“, одговор претходно утврден во партиските центри.

Но, ваквото ноншалантно однесување на пратениците во највисоката законодавна власт во државата, воопшто не е оправдување власта кон неа да се однесува со потценување. На ваков начин само ги потврдува тезите дека пипките на власта во законодавниот дом се длабоко навлезени. Тоа го наметнува и прашањето дали, дефиницијата на Вилијам Кинг дека додека парите се одговорност на владата, и се менаџираат со нејзини раце, функцијата на собранието ќе биде залудна и непотребна е навистина точна? До кога на пратениците ќе им биде поважна платата што ја добиваат од власта, отколку интересот на јавноста? Ќе се најде ли пратеник да го одбрани достоинството на Собранието?

 


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000