Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 27 јуни 2014, 12:57, во Коментари
Share |
Print page

Лидерската средба само за „чекирање“

Лидерската средба само за „чекирање“

Сите можевме да го претпоставиме како ќе завршат преговорите во кои едната страна седна на маса со „диктаторот“, но апсурдно, без намера да преговара, туку за од него да побара да признае дека е „диктатор“, така што ќе ја делегитимира својата Влада и ќе прифати формирање на техничка

Максим Ристески

maksim.risteski@kapital.mk

Лидерска средба. Колку тоа сериозно звучи, а во каква фарса го претворија тројцата актери - најпрво лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој во преговорите влезе со ултимативно, и исто толку невозможно за остварување барање, за кое нема поддршка од меѓународната заедница (еврокомесарот Филе порача коалицијата на СДСМ да се врати во Парламентот, а Парламентарното Собрание на Советот на Европа оцени дека изборите биле спроведени ефикасно, со недостатоци од техничка природа, кои не влијаеле на изборниот резултат); потоа меѓународната заедница, која испадна дека е задоволна само со формалното обновување на дијалогот, зашто не може да не ѝ било јасно она што сите можевме да го претпоставиме за тоа како ќе завршат преговорите во кои едната страна седна на маса со „диктаторот“, но апсурдно, без намера да преговара, туку за од него да побара да признае дека е „диктатор“ со тоа што ќе ја делегитимира својата Влада и ќе прифати формирање на техничка; и на крајот, самиот Груевски, кој прифати да ја одигра ролјата што му ја додели меѓународната заедница, глумејќи конструктивност, и според тоа изненадување од однесувањето на Заев, кој го уништил разговорот што течел во „мирна и коректна атмосфера“ така што „на неколку минути пред крајот побарал (од Груевски) во изјава да потврди дека прифаќа формирање на техничка влада, што за премиерот било изненадување“. А како и можеше, освен како фарса, да заврши (барем според виденото во првата фаза) лидерската средба издејствувана во фарсичните околности во кои поголем проблем претставуваат празните столчиња на опозицијата асоцирана со СДСМ во Собранието, отколку причините за нејзиниот бојкот. Кога овие причини би биле такви што би значеле криза во општеството, „петто-октомвриска“ атмосфера меѓу критична маса народ, или меѓународна поддршка за бојкотот на опозицијата, би правеле друг муабет. Но, овде зборуваме за криза која формално почна во чудниот тајминг кога Заев одлучи да соопшти дека СДСМ не го признава изборниот процес - дури откако гласањето заврши, и откако претходно, во истите околности што ги опиша образложувајќи го непризнавањето на изборите, се одржа и кампањата, но и првиот круг од претседателските избори, по кој лидерот на СДСМ, несомено очекувајќи ефект во вториот круг што се совпадна со предвремените парламентарни избори, конечно ја детонираше најавуваната „бомба“ со „Македонска банка“. Следеше упорното избегнување на поднесувањето оставки во Собранието, кое социјалдемократите на крајот сепак го направија, но откако претходно се изгубија во заврзламата со нотарските изјави и Управниот суд, докажувајќи ја партизираноста на судството додека дури и дел од експертите блиски до опозицијата ги предупредуваа дека споменатиот суд е ненадлежен за нивниот проблем. Во меѓувреме, што поединечно, што заедно, лидерскиот двоец на СДСМ, Заев и Радмила Шекеринска, изведе поход по амбасадите во Скопје, а патуваше и во Брисел, образложувајќи ги причините за бојкотот со наодите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и изразувајќи  подготвеност опозицијата да почне преговори со власта за формирање техничка влада и за механизми што ќе овозможат слободни, фер и демократски избори. Странците им излегоа во пресрет - организираа средба и прокнижија сопствен придонес за обновувањето на политичкиот дијалог за излез од политичката криза, за која зборуваат само аналитичарите. А Заев пред да отиде на првата средба со Груевски, неколку интелектуалци блиски до опозицијата го предупредија дека „седнувањето на маса со Груевски има висока цена“, дека „воопшто и не треба да седнува на преговарачка маса, ако Груевски нема намера да го прифати клучниот услов на опозицијата“, и дека „еврократите можат да се прават недоветни, но опозицијата нема право на недоветност“, всушност предупредувајќи го на опасноста дека и само „чекирањето“ на средбата може да покаже оти „бојкотот е гол“.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000