Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 20 јуни 2014, 11:33, во Коментари
Share |
Print page

Чиј е срамот?

Биљана Здравковска Стојчевска
Чиј е срамот?

Kолку оваа листа на срамот може навистина да го зголеми плаќањето на даноци? За некој да има срам, треба прво да има достоинство. А оној кој има достоинство обично прави се за да не дојде во ситуација во која ќе биде засрамен. Повеќето од оние кои се нашле на оваа листа со години не плаќале даноци или правеле се за да извлечат лажно пари од државата. Државата ако навреме не превземала ништо за да си ги наплати долговите сега е веќе доцна. Тука се јавните претпријатија и компаниите во државна сопственост за кои сега и отворено се призна дека не плаќаат даноци. Чиј е срамот тука? Има ли некој што воопшто се срами за ваквото неодговорно работење и однесување? Или планира да ги наплати овие долгови?

Изминатава недела Управата за јавни приходи ја објави листата на најголеми должници. Потег кој е за поздравување и кој веќе одамна го воведоа и земјите од регионот со намера дека јавното објавување на должниците ќе ја подобри финансиската дисциплина. Односно, ќе ги натера оние кои не плаќаат даноци да си го платат тоа што и го должат на државата откако ќе бидат изложени на срамот на јавноста.
Ќе почекаме да видиме дали тоа ќе се случи, оти листата на должници ќе се објавува секој месец, па ќе може лесно медиумите да видат кој се засрамил и си платил данок.
На оваа листа се најдоа многу јавни претпријатија, компании во кои државата е газда, фирми кои веќе со години не работат или со години се во стечај, загубари, општини, комунални претпријатија, ресторани, агенции за обезбедување, адвокати, градежни фирми, но и многу мали и непознати за јавноста фирми кои и должат на државата по основ на ДДВ, данок на добивка, придонесе на данок на доход, царина или акциза.
Во Македонија има 2.608 фирми кои на државата должат 180 милиони евра за неплатени даноци и 900 граѓани кои не платиле данок за приходите кои ги заработиле. Кај фирмите околу 70% од долгот кон државата е заради неплатен ДДВ, и помал дел или околу 17% е по основ на данок на добивка.

Но, ако подетално се разгледаат најголемите должниците можат да се извлечат многу интересни заклучоци. На пример, меѓу десетте најголеми должници се компании, кои заедно и должат на државата 46 милиони евра, и ниту една од нив нема долг помал од 1,5 милиони евра. Во 10-те најголеми должници се дури 3 јавни претпријатија кои заедно и должат на државата 9,6 милиони евра.
Станува збор за долгови кои се трупани со години, пред се заради тоа што фирмите не плаќале ДДВ и данок на добивка, а некои не плаќале ниту персонален данок на платите кои им ги исплатуваат на вработените.
Првото прашање кое логично се наметнува е како може некоја фирма да натрупа толкави долгови? Очигледно дека институциите премногу долго и премногу свесно ги толерирале овие компании да не плаќаат даноци, односно да прават разни малверзации со ДДВ, па дури и да земаат милионски суми од буџетот по основ на лажни фактури и лажен поврат на ДДВ.

Оттука, срамот, но и одговорноста за големите долгови на некои фирми, кои со години го оштетувале буџетот, не може да падне само на фирмите и на нивните итри сопственици. Каде е одговорноста на министрите за финансии или директорите на УЈП кои свесно или несвесно дозволиле некој да не плаќа даноци или да го злоупотребува буџетот. Нели тие исто така го оштетуваат буџетот? Досега во македонската историја се нема случено министер за финансии да одговара за оштетување на буџетот.
Анхел Кастиљо, Газда Велија или газдата на Алма Комерц, како и јавните претпријатија се типичен примери кои покажуваат како во минатото функционирала македонската економија. Зошто и како  тие биле оставени со години да не плаќаат даноци и успешно да го избегнуваат системот и законите кои важат за сите други фирми?

Јавните претпријатија се посебна приказна. Оти нивните долгови се сигурно поголеми од ова што е јавно објавено, ако се знае дека минатата година повеќето од нив склучија договори со државата за одложено плаќање на рати на долговите по основ на даноци и придонеси. А тие долгови сега не се во листата на должници.
На листата ги нема големите и успешни компании. Нив не им е оставена ни теоретска шанса до должат. За нив е отворена и посебна канцеларија за да може брзо и лесно да ги плаќаат даноците кон државата.
Но, очигледно не се сте така повластени. На пример на листата на должници се најде и подружницата на хрватската градежна компанија Конструктор, која во Македонија беше ангажирана за изградба на спортски сали во рамки на владиниот проект 100 спортски сали. Ако се знае дека парите за овој проект беа целосно од државниот буџет сосема е нејасно како можела оваа компанија да “набилда” долг кон држава по основ на ДДВ од дури 462 илјади евра. Или поточно кој и дал таква комоција?
И на крајот колку оваа листа на срамот може навистина да го зголеми плаќањето на даноци. Многу тешко. Бидејќи срамот е внатрешно чувство и еден вид на само осудување. И е тесно поврзан со достоинството. Што упатува на тоа дека за некој да има срам, треба прво да има достоинство. А оној кој има достоинство обично прави се за да не дојде во ситуација во која ќе биде засрамен. Повеќето од оние кои се нашле на оваа листа со години не плаќале даноци или правеле се за да извлечат лажно пори од државата. Голем дел од нив се веќе со кривични пријави, излезени од бизнисот и со затворени фирми, кои освен на државата должат и на многу други компании. Државата ако навреме не превземала ништо за да си ги наплати долговите сега е веќе доцна. Но, тука се јавните претпријатија и компаниите во државна сопственост за кои сега и отворено се призна дека не плаќаат даноци. Чиј е срамот тука? Има ли некој што воопшто се срами за ваквото неодговорно работење и однесување? Има ли некој што планира да ги наплати овие долгови? Да побара одговорност и да ги казни директорите, кои иако имале обврска не плаќале даноци? Или да ги казни министрите за финансии и директорите на УЈП што навреме не го заштитиле буџетот и не ги наплатиле долговите ?


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000