Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 30 октомври 2014, 14:52, во Колумна
Share |
Print page КОЛУМНА

ОТВОРЕН ИРАН: ШАНСА ИЛИ РИЗИК ЗА ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ

ОТВОРЕН ИРАН: ШАНСА ИЛИ РИЗИК ЗА ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ

Д-р Златко Шајноски, CAMS
Стопанска банка АД – Скопје

 

 

Во согласност со привремената Спогодба којашто стапи во сила во јануари 2014, компаниите од Европската Унија (ЕУ) можат да вршат трговија со Иран во сферата на суровата нафта, петрохемиските производи, автомобилската индустрија и благородните метали, како и да склучуваат договори поврзани со одржувањето на авиони. Притоа, Спогодбата дава можност истата да биде преточена во постојана спогодба, поради што се очекува голем број компании да застанат во ред пред портите на славната Персија за да ги искористат бенефициите од соработката со тамошните постоечки и потенцијални партнери. Овие очекувања се подгреани и со неодамна започнатите преговори со Иран во Лондон за можноста од укинување на санкциите и деловната соработка со компаниите на Исламската Република. Паралелно со преговорите, добар дел од познатите европски гиганти, како што се: Royal Dutch Shell, PSA Peugeot Citroën и Deutsche Bank AG, пратија свие делегации во Иран да преговараат со Владата и компаниите за развој на деловни планови за соработка по евентуалното целосно укинување на санкциите.

Сепак, се забележува одредена резервираност, ако не и страв, кај европските банки, кај кои постои мислење дека не се исплати преземање на ризик во соработката со Исламската Република. Ова се должи повеќе на сегашното регулаторно опкружување, особено на фактот што Иран се наоѓа на т.н. „црна листа„ на ФАТФ (Работна група за преземање на финансиски акции), водечката светска организација во областа на спречувањето на финансискиот криминал. Понатаму, голем дел од финансиските институции котираат на Њујоршката берза и тргуваат со американски долари, а со тоа и се изложени на американската регулатива којашто, пак, е строга во однос на трговијата со иранските субјекти. Тука се и големите казни што ги наметнува американската влада за свои, но и странски банки, што ги прекршуваат санкциите кон Иран, па така банките од европската зона имаат страв дека освен што ќе се најдат пред портите на Персија, ќе се најдат и пред портите на САД - да бидат казнети. Стравот е поголем и поради неодамнешната голема парична казна во износ од УСД 9 милијарди што ја плати BNP Paribas поради драстично непочитување на американските санкции кон Иран. Исто така, голема улога играат и медиумите што детално ја следат ситуацијата, па ако некоја банка се соочи со истрага и пресуда за непочитување на санкциите, со нивните репортажи можат да ги исплашат инвеститорите во европските банки, како што беше случајот со Commerzbank, којашто имаше големи загуби на берзата поради извештаите за прекршување на санкциите.

Затоа, познавачите на прашањата поврзани со Иран и санкциите спрема оваа држава препорачуваат европските банки да работат со доза на претпазливост кога станува збор за иранскиот капитал. Ова е важно, бидејќи релевантните субјекти во Иран не применуваат прудентни политики и процедури за проверка на потеклото на паричните средства, а со тоа и можноста истите да бидат искористени за перење пари и финансирање на терористи, па останува како обврска за европските банки да инвестираат повеќе средства во нивните програми за контрола на усогласеноста и спречување на перење пари и финансирање тероризам. Како и да е, постои волја и подготвеност и кај двете страни за  подобрување на нивните програми и регулатива, што, секако, ќе биде основа и поттик кај владите во ЕУ за целосно укинување на санкциите кон Иран.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000