Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 23 јуни 2011, 08:58, во Едукација и кариера
Share |
Print page

Летна школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура

Летна школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура Сто и дванаесет учесници од 24 земји се пријавени за 44-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Скопскиот универзитет што ќе се одржува во Охрид од 27 јуни до 12 јули. Меѓу лингвистите се и истакнатите македонисти, академиците Ала Шешкен од Русија и Иван Доровски од Чешка, професорите Мачеј Кавка, Ирена Ставова-Кавка и Јан Соколовски од Полска, Волф Ошлис од Германија, Бранко Тошовиќ од Австрија.

Слушателите на Летната школа ќе имаат секојдневни лекторски вежби и курсеви, а и оваа година ќе биде активна преведувачката работилница. По завршувањето на Летната школа, на 14-ти и 15 јули ќе се одржи и 38. меѓународна научна конференција од областа на македонистиката, на која ќе учествуваат осумдесетина научници од земјава и од странство.

Директорот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура Максим Каранфловски на прес-конференција рече дека програмата е конципирана за да биде застапено се што е актуелно во македонскиот јазик, историјата, археологијата и културата во најширока смисла. Во фокусот на годинашното издание ќе бидат два значајни јубилеја - 150 години од објавата на Зборникот на народни умотворби на Миладиновци и 90 години од раѓањето на Блаже Конески.

Покрај тоа, тематски ќе бидат одбележани и други годишнини (за Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Благоја Корубин, Коле Чашуле). Ќе бидат претставени и активностите и издавачката дејност на научните институти - за македонски јазик, за национална историја, за фолклор и за литература. Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски најави отворање лекторат по македонски јазик во Киев наесен, што ќе биде 12-ти лекторат во светот. Покрај нив има и 19 катедри за македонски јазик. Посочи дека е голем интересот за изучување на македонскиот јазик на лекторатите во Риека и во Краков - каде што се пријавиле 114 слушатели.

“Зголемениот интерес се должи на популаризацијата на македонскиот јазик и на посветената работа на нашите лектори“, истакна Стојковски.За годинашната организација на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура буџетот е како и лани: 5,5 милиони денари. УКИМ покрива најголем дел од финансиите - 4 милиони денари, 1 милион обезбедува Министерството за култура и 500.000 денари Министерството за образование и наука.

КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000