Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 13 јуни 2011, 13:00, во Едукација и кариера
Share |
Print page

Утре започнуваат полагањата за државна матура

Утре започнуваат полагањата за државна матура Матурантите утре и во четврток ќе ги полагаат екстерните предмети од државната матура. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), годинава има 36.474 пријави за испит, а од утре од 10 до 14 часот матурантите ќе го полагаат првиот и задолжителен екстерен предмет - мајчин јазик и литература. Пријавени се вкупно 18.184 матуранти, од кои за тестот по македонски јазик 12.771, за албански јазик 5.063 и за турски јазик 350 матуранти. За вториот екстерен предмет во четврток пријавени се 18.190 кандидати. Тој е изборен и матурантите од гимназиското и од средното стручно образование можеа да изберат меѓу математика и странски јазик, а матурантите од уметничкото образование - меѓу странски јазик и естетика или филозофија.

Најголем број пријавени има за англиски јазик или 14.802 матуранти. За математика основно ниво пријавени се 2.679, а за напредно ниво 35 кандидати. Француски јазик ќе полагаат 450, германски 176 и руски јазик 67 матуранти. Тестот по естетика го избрале 96, а по филозофија 12 ученици. Полагањето на вториот екстерен предмет, на 16 јуни, ќе трае три часа, од 10 до 13 часот. Директорот на ДИЦ Методија Јанчевски изјави дека бројот на матуранти што ќе полага во двата испитни дена не се совпаѓа (18.184 и 18.190) зашто има кандидати што минатата година не ја поминале целата државна матура и годинава ќе бидат тестирани по предметот што не го положиле.
Тестирањето ќе го следат 1.830 тестатори - наставници што ќе бидат распоредени во училиниците каде што ќе се полага државната матура. Ангажирани се 316 оценувачи и 200 набљудувачи од Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и од Државниот управен инспекторат. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени најдоцна до 13 јули, зашто законскиот рок е 30 дена по полагањето на испитот. Државна матура во Македонија се полага четврта година и таа е услов за запишување на матурантите на факултетите.

КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 783


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000